Ако буџетот за 2022 од самиот старт беше неразвоен, сега после ребалансот ќе биде полош. Со кратењето на средства за капитални инвестиции како основен развоен дел во рамките на буџетот и како двигател на економијата во секоја земја. Ако на ова се надодаде катастрофалната стапка на реализација која до сега изнесува само 16,3%, тогаш несомнено е дека оваа година наместо економски блескава година, ќе заврши како невидена катастрофа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Самата власт призна дека во буџетот предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци во време на криза, кои можела од самиот почеток на годината да ги искористи за заштита на стандардот на граѓаните кој вртоглаво паѓа или заштита на компаниите кои ставија клуч на врата. Заради овие стотици милиони евра непродуктивни трошоци имаме половина милион граѓани кои живеат само со 150 денари на ден и 4.000 компании кои ставија клуч на врата од почетокот на годината.
Ребалансот на буџетот покажа уште еден катастрофален податок, а тоа е дека проекцијата за раст на БДП се намалува за неверојатни 1,4%, односно економијата во најдобар случај до крајот на годината ќе порасне за 25% помалку од планираното. Тоа веројатно ќе значи дека повторно и оваа година ќе го имаме убедливо најлошиот раст на БДП во споредба со земјите од регионот. Оваа проекција за помал раст во исто време значи дека од прилика за истиот процент ќе се зголеми долгот на Македонија. А, заради оваа криминална и неспособна власт на СДСМ и ДУИ долгот достигнува рекорди и изнесува над 7 милијарди евра во овој момент. Овие и најавените над милијарда евра нови долгови ќе значат дека оваа власт за 5 години успеала да ја задолжи Македонија за ист износ колку сите влади претходно.
Со оваа власт на СДСМ и ДУИ кризата ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, туку Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро за доброто на граѓаните, државата, работниците, стопанствениците, младите, земјоделците, пензионерите, просветните, здравствените работници и сите останати, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.