На раскрсницата кај Сити мол денеска напладне ќе се одржи јавен собир во чест на Викторија Николова која го загуби животот откако беше удрена од автомобил на наведеното место. Собирот е организиран од нејзиното момче кое и самото беше повредено во несреќата.
Во настанот организиран преку социјалната мрежа Фејсбук се наведува дека собирот ќе се одржи во знак на револт кон сообраќајното насилство и начинот на кој се третирани пешаците и сите учесници во сообраќајот, кои се придржуваат до правилата.
-Поради тоа на 30.01.2022 година од 12:00ч до 13:00ч на место на несреќата, раскрсницата на бул.”Партизански одреди” кај City Mall ќе се одржи мирен, достоен и јавен собир каде што ќе оддадеме почит кон Викторија Николова како последна жртва во ваквото сообраќајно насилство, а воедно и ќе оддадеме почит кон сите жртви во вакви и слични сообраќајни несреќи. Нашата цел е единствена, а тоа е да се стави КРАЈ на бeзобзирното возење ни улиците во државата и да ја подигнеме свеста на учесниците во сообраќајот дека нашите деца, а и самите ние треба да се движиме слободно на пешачките зони и по тротоарите, зато што тоа е единственото место каде што пешаците треба да се чувствуваат слободно. Викторија е последната жртва од ваквото дивеење, да не се повтори, да не се дозволи. Слава и нејзина, слава им на сите жртви од сообраќајни несреќи, се вели во објавата.
Во чест на Викторија ќе има организиран бесплатен превоз Радовиш-Скопје-Радовиш, а тргнувањето е во 9 часот пред спортската сала „СРЦ 25 мај“.