Во периодот од година и неколку месеци колку што Македонија и светот се зафатени со пандемијата која ја предизвика вирусот Ковид-19, медицинскиот персонал е тој кој што е на првата линија на фронтот во борбата со невидливиот непријател, кој не ги поштеди ниту младите ниту старите, ниту здравите а ниту пак хронично болните лица.
Година дена медицинските работници се хероите на денешницата, кои се борат да го спасат секој еден граѓанин кој до нив ќе се обрати за помош и истите веќе се на крај на силите. Но, од друга страна третманот и грижата на македонските власти кон нив е исклучително несоодветна.
Така што, во ек на пандемијата со корона вирусот, додека ресорниот министер за здравство, Венко Филипче викендов си истера партиски конгрес на Социјалдемократскиот сојуз, на кој беше назначен на високата функција, односно потпретседател и додека си тера ќефови возејќи мотори со премиерот Зоран Заев, голем дел од медицинскиот персонал е оставен или без плата или на минималец.
Медицинските сестри, кои се оставени на минималец иако имаат завршено високо образовани, бараат да добијат повисоки плати согласно со нивото на образование. Тие бараат да им се признае вишото образование и специјализациите, бидејќи досега биле плаќани како да се само со средно училиште.
Здружението на медицински сестри, техничари, акушери и стоматолошки медицински сестри го изразуваат својот револт и велат дека ќе ја бојкотираат работата во јавните здравствени установи ако не бидат платени за нивната работа што ја извршуваат во отежнувачки околности, особено за време на пандемија.
Претседателката на здружението, Биљана Бешлиовска рече дека секоја година факултетите произведуваат 1.200 матуранти, но според законот сите конкурси за медицинска сестра се бараат со средно школо, односно медицинските сестри со завршено високо образование не се конкурентни и, според неа, тука започнуваат сите проблеми.
-Со пандемијата испливаа голем број проблеми, меѓу другото и еден од подолгогодишните – непризнавањето на високото медицинско образование на медицинските сестри. Ни фали спрегата меѓу образованието, Министерството за здравство, институциите и потребата колку сме ние потребни и колку се школуваме, во болниците имаме систематизации кои што не ги предвиделе и не можат да ги постават на работните места медицинските сестри или имаме систематизации предвидени се меѓутоа не се планирани во буџетите и се бара финансиски согласности и од тука почнува таа голгота на медицинските сестри, истакна претседателката на Унијата на Здружението на медициски сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри Биљана Бешлиовска.
Таа потенцира дека во ваквиот случај институциите си ја префрлаат топката со изговор дека не е во нивна надлежност.
Но ова не е единствениот случај каде што министерот Филипче нема слух за реалните потреби и проблеми со кои се соочуваат здравствените работници. Четири месеци без плата се оставени вработените во тетовската Клиничка болница. Имено, 119 вработени во тетовската Клиничка болница кои беа ангажирани за време на пандемијата, немаат добиено плата четири месеци немаат палата поради доцнење во изготвувањето на новите договори, а од друга страна решение за нивниот проблем нема ни на повидок. Иако тие се сретнаа и со двајцата директори за нивниот проблем, но останаа без конкретни одговори.
Додека вработените во јавните здравствени установи кубурат со ниски или никакви примања, министерот за здравство, без слух за нивните проблеми, си тера ќефови и партиски активности.