Македонските државјани кои се на привремена работа во Германија и оние кои планираат да продолжат да живеат во оваа земја се во исчекување на конечно стапување во сила на мерката, која ја договараа двете влади за взамно признавање на возачките дозволи.
Од македонското Министерство за внатрешни работи за МИА велат дека договорот треба да биде потпишен наскоро, но не прецизираат кога тоа точно би се случило.
Македонската Влада на 26 јуни ја усвои декларацијата со која се отвора патот за меѓусебно признавање на возачките дозволи со Германија.
– Јавноста ќе биде соодветно известена за конечниот термин за потпишување на заедничката декларација за признавање на возачките дозволи, откако двете страни ќе го договорат терминот, велат од МВР за МИА.
По интензивната комуникација меѓу македонското МВР и германското Министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура за признавање и замена на возачки дозволи во мај се изврши усогласување на заедничката декларација.
Со стапување во сила на декларацијата македонските граѓани, кои имаат македонска возачка дозвола додека престојуваат на територијата на Германија нема да имаат потреба од меѓународна дозвола, а македонските државјани кои имаат регулирано престој на германска територија наскоро на нивно барање ќе можат да извршат замена на возачките дозволи.
Ќе бидат признаени возачките дозволи на сите полнолетни лица со важечки дозволи. Единствен услов за македонските граѓани е да имаат законски престој на германска територија најмалку 185 дена во годината.
Декларацијата за признавање на возачките дозволи требаше да биде потпишана уште во февруари годинава за време на посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Берлин.
Но, тоа не се случи поради технички проблеми во преговорите. Главниот проблем беше што во Македонија се бара лекарско уверение при полагање за возачка дозвола и истото правило требаше да важи и при преведувањето на германските дозволи – нешто што за германската страна беше неприфатливо.
– Проблемот е што во Македонија се бара лекарско уверение при полагањето за возачка дозвола, а во Германија не, појасни тогаш Заев и додаде дека билатераните договори мора да се базираат на реципроцитет, односно мора да значат меѓусебно практикување на ист основ.
Откако декларацијата ќе биде потпишана македонските државјани во Германија повеќе нема да има потреба да полагаат теоретски и практичен тест, нема да има потреба да посетуваат преглед за вид.
Македонските државјани во Германија во моментов со македонска возачка дозвола смеат да возат само во првите шест месеци од пристигнувањето. Потоа треба да полагаат за возачка дозвола, а цената е околу 1.500 евра.
Македонија досега има реципрочно признавање и замена на возачки дозволи врз основа на потпишан билатерален договор со Италија, Шпанија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во тек е склучување вакви билатерални договори со Косово, Турција, Германија, Велика Британија.
Врз основа на поднесена апликација за признавање на македонска национална возачка дозвола, во тек е постапка со Австралија и Нов Зеланд.
Ова прашање со неколку земји е регулирано со националното законодавство и Виенската конвенција за патен сообраќај од 1968 година.
Во Чешка е призната националната возачка дозвола издадена од надлежен орган на Република Македонија и се врши нејзина замена со чешка возачка дозвола. На македонските граѓани во оваа земја не им е потребна меѓународна возачка дозвола.
Бугарија, пак, ја признава македонската дозвола и врши нејзина замена со бугарска на лица со пријавен постојан престој во Република Бугарија, а за секој друг вид престој е потребна меѓународна возачка дозвола.
Во Хрватска, исто така, е признаена македонската дозвола и се врши нејзина замена со хрватска. Во оваа земја македонски државјани, кои престојуваат на нејзината територија можат да управуваат моторно возило без меѓународна возачка дозвола до една година од датумот на влез во Хрватска.
Македонија и Словенија се договорни страни на Конвенцијата за копнен сообраќај склучена во Виена на 8 ноември 1968 година. Согласно член 41 договорните страни ги признаваат за валидни сите домашни возачки дозволи кои се во согласност со оваа Конвенција за возење на нивните територии на возило што спаѓа во категориите покриени со дозволата, под услов дозволата се уште да е валидна и да е издадена од друга договорна страна. Според Министерството за инфраструктура на Словенија, кое е надлежен орган за возачи и возачки дозволи, нема потреба од дополнителен договор за заемно признавање на возачките дозволи.
Романија ја признава македонската возачка и врши нејзина замена со романска возачка дозвола. Во Романија на носители на македонска возачка дозвола кои имаат регулирано постојан престој на нејзината територија не им е потребна меѓународна возачка дозвола. Исто е случајот и со Унгарија, Белгија.
Во Австрија се признава националната возачка дозвола само од Б категорија и се врши нејзина замена, а на носители на македонска возачка дозвола кои имаат регулирано постојан престој на нејзината територија не им е потребна меѓународна возачка дозвола.
Македонската страна има испратенио барање за произнесување за реципрочно признавање на возачките дозволи согласно Виенската конвенција до Азербејџан, Шведска, Белорусија, Велика Британија, Швајцарија, Данска, Ерменија, Естонија, Израел, Казахстан, Канада, Киргистан, Литванија, Летонија, Луксембург, Малта, Молдавија, Монако, Норвешка, Полска, Португалија, Русија, Сан Марино, Словачка, Туркменистан, Узбекистан, Украина, Финска, Франција и Холандија.
Грција, пак, една од најпосетуваните дестинации од страна на македонските државјани, особено во летната сезона, не врши замена на странска возачка дозвола со грчка и за носителите на македонска возачка дозвола е потребна меѓународна возачка дозвола.
Ана Цветковска за МИА