Во Македонија новите градби се проектирани за да издржат интензитет од 9 степени или јачина од 6,5 до 7 магнитуди по Рихтер. Градбите во Македонија се најквалитени од сите во регионот, а доказ за тоа е и земјотресот од 2016-та година во кој немаше ниту една срушена зграда, велат од Институтот за сеизмологија и Градежната комора при Сојузот на стопански комори.
-Сите нови градби мора да се изведат согласно проектите и стандардите за проектирање. Во тие стандарди за проектирање државата го дефинира нивото на прифатлив ризик за одреден тип на објекти. Вообичаено се проектира на ниво на очекуван интензитет или јачина, магнитуда. Ние не ги проектираме објектите во Македонија за земјотрес од Јапонија, Нов Зеланд или од Чили, туку согласно науката и досегашната историја. Имаме некои анализи кои покажуваат какви се максималните очекувања. Тое е интензитет од 9 степен или или јачина од 6,5 до 7 магнитуди по Рихтер. Тоа е основата на проектирањето на поголемиот дел од објектите во државата. Сите нови објекти мора да ги задоволат овие критериуми, изјави директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија Влатко Шешов.
Според претседателот на Градежната комора при ССК Ивица Јаќимовски согласно Законот за градба секој учесник во градба сноси кривична одговорност.
-Мора секој да поседува соодветни лиценци во делот на изведба, проектирање, надзор. Не треба да се сомневате дека тоа што се гради денеска е неквалитетно. Не треба да значи ако бојата на фасадат избледела тогаш таа градба е неквалитетна, тоа е апсурд. Основата на градбата што објектот го прави да е квалитетн е бетон и железо, се друго е минливо, вели Јаќимовски.