Светата Обител на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица и оваа година во присуство на голем број верници, од сите делови на државава, заедно го прослави празникот на големиот поборник за верата Христова и небесен застапник Свети Григориј Палама, кој годинава се совпадна со празникот и на Светиот Агатангел Битолски.
По тој повод, во параклисот на манастирот за поклонение беа изложени и моштите на светиот Агатангел Битолски кои се чуваат во Бигорскиот манастир.
-Благословот на Светиот Солунски Чудотворец Григориј Палама, што изобилно на нас го излева Втората недела од чесниот пост, традиционално привлекува многу богокопнежливи души во рајскиот дворец на Победоносецот. Оваа година не беше ништо поинаку. Молитвениот призив го слушнаа во срцето и од сите страни пристигнаа во светилиштето бројни поклоници на овој Божествен слуга, кои со голема нетрпеливост и со неопислива радост се нурнаа во благолепието на празничното чествување на Рајчичкиот патрон, рече сестра Ефимија.
Покрај празничната вечерна и утрената богослужба, беше одржана и Божествената Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со јеромонасите од светата бигорска Обител.
Рајќица Григори ПаламаФото: Бигорски манастир
-Токму во неделните денови на Великиот Пост Црквата ни ги предочува корифеите на верата, подвижниците и проповедниците на Православието, за да ни покаже дека единствената цел на нашето суштествување – обожението, се постигнува со труд и со подвиг…Но, треба да знаеме дека не е доволен само подвигот, туку и правилното верување и исповедање, проследено со правомислие за богооткриената вистина… Сите ние како Христијани сме должни да ја чуваме чистотата на спасоносната вера. Најнапред преку личното очистување и обожување, а потоа и со збор и со исповедание. Во членот од ‘Символот на верата’, кој сите го кажуваме на секоја Света Литургија, во делот кој се однесува на Црквата велиме: ‘Во едната, света, соборна и апостолска Црква’. Еве ја дефиницијата, еве го името на Црквата во која сите ние православните треба да веруваме. Една, оти Црквата е единствена, неразделна, сплотена, едно Тело Христово; Света, затоа што Свет е нејзиниот Создател и извор на осветување; Соборна, оти Црквата е собор, заедница, универзална за сите луѓе, а не само за одредени народи или групи; Апостолска, бидејќи е востановена и потврдена со крвта на светите Апостоли. И сега, покрај сето ова, праведно ли е да ѝ даваме друго име на Црквата? Праведно ли е да ја разделуваме по какви било критериуми од овој свет? Штом е една и соборна, може ли истовремено да биде албанска, или бугарска, или грчка, или руска, или српска, или македонска, или каква-годе друга? Какво безумство и колку голем грев правиме кога едната Црква ја разделуваме на некакви национализирани парчиња! За жал, и многумина од нас кои сме во Црквата честопати ги мешаме Божествените со земските нешта. Не смееме да ѝ го менуваме карактерот на Црквата Божја, која е единствена, вселенска и универзална, насекаде иста. Може само условно да се каже дека таа е административно поделена, заради полесно извршување на пастирските потреби. Но, во никој случај не може да се каже дека таа е разделена на национална основа, бидејќи тоа е голем грев! Етнофилетизмот во Црквата е осуден како ерес и ние не смееме да се приклонуваме кон него, за да не би го изгубиле сопственото спасение… Соборноста на Црквата ја гледаме уште на самите почетоци, кога Светите Апостоли свикале Апостолски собор во Ерусалим, на кој се советувале и донеле решенија за функционирањето на раната Црква, рече меѓу другото во својата беседа владиката Партениј.
Исто така порача „да бидеме внимателни и да не дозволиме да бидеме заведени од некои овоземски нешта и интереси, кои сакаат да го извалкаат чистото учење за вистинскиот карактер на Црквата, национализирајќи ја и ограничувајќи ја едната, света, соборна и апостолска Црква“.
-Не смееме во некое одредено подрачје да даваме ексклузивитет на некоја нација врз Црквата! Или да ја претвораме Црквата во инструмент за опслужување само на одреден народ или држава! Деновиве слушнав како во една соседна помесна Црква, го изменуваат дури и тропарот на Чесниот Крст, така што на местото каде што се вели „дарувај им победи на православните Христијани“, таму го изземаат зборот Христијани и го додаваат името на нацијата. Зарем Црквата е составена од само една нација? Па добро, можеби некој ќе се спротивстави, тврдејќи дека ете во тоа место живеат етнички чисти луѓе (ако воопшто ги има такви), кои ѝ припаѓаат само на една нација. Меѓутоа, што ако во таа прилика на богослужба во храмот дошле и некои други верници, припадници на други нации? Според логиката на првите за нив не треба да важи молитвата и благословот, а може да бидат сметани дури и за непријатели. Тоа е крајно погрешно, тоа е ерес. Тоа што на богослужба ќе се помолиме за сите православни браќа и сестри ширум светот, без разлика на кој етникум припаѓаат, не нè прави помали Македонци. Сите православни Христијани сме еден народ, избран род, царско свештенство, свет народ. Не смееме Црквата да ја разболуваме со национализам. Ако в Црква почнеме да ставаме што било пред Христа, ќе Го налутиме Господ. Токму поради таквите појави страдаме ние православните денес. Многумина архиереи, свештеници, теолози го знаат сето ова, но не преземаат ништо. Се чудам во каква ли замаеност живеат, штом не ја исповедаат правилно верата наша. Проповедањето на вистината е за доброто на сите, за сите да имаме благослов. А кога се трудам да го љубам ближниот свој и да им помагам на сите околу мене, тогаш всушност му помагам на мојот народ. И ќе бидам добар Македонец, вистински патриот, само доколку сум дејствителен Христијанин, доколку на дело им служам на ближните свои. И да, Црквата му припаѓа на еден народ во толкава мера во која што тој народ ги живее нејзините свети тајни. Тогаш таа му дава на тој народ вистинска постојба и опстојба и во световна смисла“, порача Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.