петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Неготино одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Во Неготино одбележан Меѓународниот ден на Ромите

По повод Меѓународниот ден на Ромите-8 Април, во Неготино се одржа трибина на тема „Историјата на Ромите и нивна интеграција во општеството денес“.

Трибината беше само дел од активностите кои ги реализираше Здружението на граѓани „Вардарли тек“ од Криволак. Претседателот Сафет Темуровски рече дека денес во светот живеат над 12 милиони Роми, лоцирани во многу земји.

– Точната бројка не може да се докаже затоа што тие не се изјаснуваат со својата вистинска етничка припадност, поради низа економски и социјални причини, нагласи Темуровски.

Според него, првите доселување на Ромите на овој простор биле забележани во 14 век.

– Нивното главно доселување било за време на турските освојувања на Македонија кон крајот на 14 и почетокот на 15 век, кога тие работеле како слуги на турските генерали и големци. Постои теорија и дека Ромите биле доселени во Македонија уште од времето на Александар Македонски бидејќи тие работеле како негови ковачи, при освојувањето на Египет. Оваа теорија ја застапуваат дел од Ромите, кои себеси се нарекуваат Еѓипќани и се сметаат за посебна етничка група од Роми, кои се со потекло од индиската област Пенџап од народот Дравци, додаде Темуровски.

Тој истакна дека Ромите претежно се населени во градовите, така што дури 95 отсто од македонските Роми живеат во градските средини и главно во еден дел од населеното место.

– Според податоците од првиот попис во Република Македонија од 1948 година, како Роми се декларилале 19.500 граѓани или 1.7 проценти, а според последниот попис во 2002 година, овде живеат 53.879 лица или 2.66 отсто. Ваквите податоци не го одразуваат вистинскиот број на Ромите во земјава, нагласи Темуровски. Појасни дека мнозинството од Ромите се муслимани, но постои и мал дел со христијанска вероисповед.

Темуровски рече дека од независноста на Република Македонија до денес потпишани се повеќе документи за интегрирање на Ромите во општеството. Според него, во глобала има напредок во однос на нивните права, но и понатаму треба да се работи на понатамошно вклучување во процесите на интегрирање во општеството на оваа најмаргинализирана група на граѓани се со цел на нив да не се гледа само како на бројка.

Со мирен марш низ градот, доброволно мерење шеќер во крвта на пунктот на Црвениот крст-Неготино и турнир во мал фудбал, Ромите го одбележаа овој ден. Тие на сите христијански верници им го честитаа големиот верски празник Велигден.

(Миа)

Најнови вести