Земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија почнаа со подготовка на почвата за сеење на полјоделски култури.
Според априлскиот календар, планираните земјоделски површини со пченка ќе бидат засеани наредната седмица, и се очекува до крајот на месецов да заврши засејувањето на оваа култура.
– Во април почнува третманот со хербициди кај пченицата и јачменот, зависно од видот и фазата на плевелите, со соодветни хербициди и потребно е да врши редовно следење на посевите. Исто така, кај кромидот, доколку е влажно времето во овој период е можна појава на жолти дамки на листовите и појава на пламеница. Доколку се забележат првите симптоми потребно е веднаш да се изврши третирање со соодветни регистрирани фунгициди. Раните домати се препорачува да бидат посадени во периодот од 17 до 30 април, а краставиците се препорачува да бидат посадени во периодот од 25 април до 10 мај. Продолжува грижата за растенијата коишто треба да бидат посадени, а неколку денови пред садењето тие треба да бидат истретирани профилактично, посочуваат пелагониските агроексперти.
Овој месец во Пелагонија почнува интензивната заштита на растенијата кај овошните видови, како и обработката на почвата за уништување на плевелите.