За време на полицискиот час Државниот пазарен инспекторат во секој град има дежурни екипи кои ќе вршат проверка на маркети кои работат и дали имаат соодветни дозволи, изјави директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
– Освен маркети кои се определени од Кризниот штаб во градовите, другите немаат право да работат и доколку бидат затечени дека работат ќе бидат санкционирани, нагласи Пауновски.
Појасни дека за сите угостителски објеки на кои е направен записник и се затворени од страна на Државниот пазарен инспекторат, најпрво се доставуваат платни налози за глоба, па доколку не се платат во определениот рок, тогаш се упатуваат на суд.
– Што значи изречени казни се уште нема, меѓутоа дали ќе ги платат во рок од осум дена глобите или ќе одат на суд, тоа е право на самите субјекти, рече Пауновски.