Платформата за родова еднаквост во понеделник на 8 март, 2021 година, по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15.00 часот од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женски права.
-На овој протестен марш под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство, се вели во соопштението.
Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство, дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања:
Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.
Кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени.
Сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
Професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.