Близу 1.000 земјоделски семејства од прилепско на преку 600 хектари претрпеа огреомни штети од вчерашното невреме што ги зафати атарите на прилепските села Мало и Големо Коњари, месноста „Орде Чопела“ и населбата Вараш.
Родот 100 отсто е уништен. Главно се површини со тутун, а и со пиперки и житни култури, констатираа од општинската комисија за процена на штетите, од стручанат комисија и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кои денеска на теренот се сретнаа со оштетените земјоделци од Мало и Големо Коњари на површините со уништениот род.
Прилепскиот градоначалник Јованоски најави олеснителни околности за земјоделците, да им излезе во пресрет на нивните барања во рамките на надлежностите и ќе поднесе барање до Министерството за земјоделство и до владата за прогласување елементарна непогода за оштетените подрачја.
– Многу ми е жал што мора да ги констатираме огромните штети на земјоделските култури. Ќе предложам оштетените земјоделци да бидат ослободени од плаќање надомест за наводнување, ќе излезам во пресрет на барањата во рамките на надлежностите и ќе побарам прогласување елементарна непогода за оштетените подраќја од невремето. Апелирам веднаш да се пријавуваат штетите, им порача Јованоски за земјоделците.
Комисијата за процена на штетите е формирана, излегува веднаш на теренот, а пријавувањето на штетите ќе биде до 3 август.
Земјодлеците се вознемирени и се обидуваат да најдат начин како да егзистираат со толку големи загуби.
– Имав десет декари со тутун и осум декари со пиперки. Се е уништено целосно. Моето семество е шест члена, имама три деца и се чудам како ќе ги подготвам за новата учебна година. Штетите се преку 15.000 евра, вели вознемирено земјоделецот Сашо Трајкоски од Мало Коњари. Признава дека родот не му е осигурен зашто површините му се под наем, а со сопствениците нема договор.
Земјоделецот Дејан Чавески вели дека досега го осигурувал родот со пиперки, но е незадоволен од осигурителните компании.
– Иако имаме покривање на осигурувањето од државата со 60 насто, компаниите за дел површини, особено со тутун не сакаат да осигуруваат. Она што е осигурано малку се плаќа и многу доцна, вели Чавески.
За земјоделците голем проблем е што веќе две децении не функционираат противградобијните системи. Според Зоран Пачешкоски од стручната комисија за процена на штети на тој проблем се работи.
– Се испитуваат можностите, според искуствата на Израел и Полска да се стават во функција градобијните системи. Се работи на решавањето на проблемот, нагласува Паческоски.
МИА