Во просек од 150 до 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни несреќи. Иако годинава на државно ниво се очекува одредено намалување на бројот на загинати во сообраќајни несреќи, сепак според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, безбедноста на сообраќајот го нема достигнато потребното и посакувано ниво.
Статистиката покажуваат дека во 2018 година во земјава загинале 133 лица, а според неофицијалните податоци годинава се очекува бројка од околу 130 загинати.
Само годинава се случија неколку сообраќајни несреќи со поголем број загинати и повредени лица што според претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, ја прави ситуацијата уште полоша.
– Следната година, пред сите нас како учесници во сообраќајот, но и како надлежна институција се исправени сериозни предизвици кои верувам дека ќе успееме да ги надминеме, истакна Кожуваровска на денешната средба со медиумите.
РСБСП традиционално денеска им врачи благодарници на поголем дел од медиумите без кои, како што рече Кожуваровска, не би можела да се подигне јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот.
Меѓу наградените медиуми беше и КУРИР.
На светско ниво, според статистиката на Светската здравствена организација, годишно животот во сообраќајни несреќи го губат околу 1,3 милиони лица, а околу 50 милиони се повредени.