петок, 12. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Во велешката болница спасен маж донесен во кома откако бил искасан од оси

Во велешката болница спасен маж донесен во кома откако бил искасан од оси

Маж на околу 60 години од велешката населба Речани, целиот искасан од оси и во состојба на кома, денеска  со Брза помош  бил однесен итно во велешката болница.

Д-р Милка Панова од Брза помош во Велес, за МИА изјави дека повикот го добиле во  11.05 часот и кога стигнале, лицето било во кома и без знаци на живот,  со повеќе убоди од оси на рацете, лицето и по целото тело.

-Веднаш го реанимиравме и му дадовме соодветна терапија, бидејќи беше очигледно дека лицето е алергично  на оси и во состојба на кома, итно со нашето возило на Брза помош го однесовме во велешката болница, информира д-р Панова.

Д-р Eлена Левкова-Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, за МИА изјави дека мажот  бил донесен во тешка состојба, но по укажаната медицинска помош и по неколкучасовно посматрање се освестил и во добра здравствена состојба од велешката болница бил пуштен на домашно лекување.

Д-р Панова од Брзата помош вели дека каснувањата од оси, пчели, стршлени и други инсекти е често во летните месеци. Дел од каснатите сами се јавуваат во Брза помош, а има и во тешка состојба за кои случајот го пријавуваат нивни роднини и пријатели и случајни минувачи.

-Препорачливо е граѓаните да внимаваат каде и како се движат, а посебно оние кои се алергични на оси, пчели и други инсекти,   да ја носат со себе  потребната терапија за да го заштитат својот живот. Некои од алергичните кои не се заштитени,  за жал, завршуваат и фатално, предупредува д-р Панова.

Таа информира дека годинава немало пријави за каснување од змија како во изминатите лета кога најчесто биле каснати луѓе кои работат во полињата и на отворено. (МИА)

Најнови вести