Секторот за внатрешни работи Тетово ги известува граѓаните дека во вторник, на 4 април 2023 година, од 11:45 часот до 13:15 часот, на потегот од Стража до тетовски Групчин, ќе се воведе посебен сообраќаен режим поради одржување на пригодна свеченост по повод започнувањето на градежните работи на автопатот Тетово-Гостивар.
Во овој период целосно ќе биде запрен товарниот сообраќај, при што товарните возила кои ќе бидат затекнати на автопатот ќе се исклучуваат од сообраќај, а ќе бидат отворени сите регионални патни правци на подрачјето кои ќе се користат за таа намена.
-Што се однесува до патничкиот сообраќај од Скопје кон Тетово ќе се одвива до клучката Југ и потоа ќе се пренасочува по регионалните патишта, а од Гостивар кон Тетово ќе се одвива до клучката Камењане и ќе се пренасочува по регионалните патишта, велат од СВР Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до возачите да ги почитуваат наредбите и насоките од полициските службеници, како и сообраќајната сигнализација која дополнително ќе биде поставена на овој потег.