Водостоите на реките во земјава се повисоки од просекот за март, а единствен исклучок е Црна Река на мерното место Новаци каде нивото е за една третина пониско од вообичаеното.
Според последните мерења од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), водостоите на реките се на исто ниво или се намалуваат во однос на вчера. Благо зголемено е нивото само кај Вардар на мерните места во Велес и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Штип, Црн Дрим кај Ложани и Сатеска кај Ботун.
Повисоки од вчерашните се и нивоата на сите природни езера во земјава. Тие имаат повисок водостој од вообичаениот, а единствено нивото на Преспанското Езеро е малку под просекот за овој месец.