Продолжите со вашиот ентузијазам, со вашата енергија и посветеност во извршување на задачите кои Ве очекуваат, затоа што од денеска и вие сте лицето на Армијата, им порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на 22-та класа потпоручници кои денеска беа промовирани во Воената академија „Михајло Апостолски“.
– Од денеска секој од вас и се приклучува на Армијата. Внесувате нова енергија, прогресивни размислувања, но никогаш не заборавајте на влогот на поранешните и сегашни искусни припадници на Армијата. Кон нив гледајте со голема почит, затоа што тие се заслужни за ова што имаме денес. Почитувајте го минатото, славете ја историјата, но создавајте ваши дела по кои ќе бидете препознаени и запаметени, рече Петровска.
Обраќајќи им се на новите офицери, Петровска им порача влегувањето во Армијата да не го гледаат само како работен ангажман, туку и како света должност и обврска да се гради и брани татковината.
– Современите безбедносни предизвици бараат и современи доктрини и технологии. Затоа, превземам обврска како министерка да обезбедам услови за ваша континуирана едукација и стручно усовршување. Секогаш ќе бидам на страната на она што е најдобро за вас, вие сте иднината на Македонија, нагласи Петровска.
За најдобри офицери во генерација беа прогласени Кристијан Илиевски, Николина Пејовиќ и Сара Илиевска.
На денешната свеченост беше промовирана и 26-та класа на питомци на Воената академија која брои 39 припадници.
Деканот на Воената академија, полковник Митко Богданоски на новите питомци им порача да продолжат по патот којшто го избрале и да израснат во посветени и пожртвувани лидери кои ќе знаат да се справат и со најтешките ситуации.
– Исправени сте пред еден од најголемите предизвици на својот живот преку кој од млади, безгрижни луѓе ќе се трансформирате во одговорни, посветени и себепожртвувани лидери кои ќе можат да се справат и во најтешките ситуации. Да станете лидери кои мотивираат, напорно работат и претставуваат пример за своите следбеници. Знам дека има измешани чувства помеѓу вас. Има такви кои знаат дека се на правото место, а има и такви кои можеби се уште размислуваат дали донеле правилна одлука и дали ќе можат да одговорат на предизвиците. За оние вторите, немојте да се откажувате. Ве уверувам дека вредите повеќе од тоа да се откажете заради некоја препрека на која ќе наидете, рече Богданоски.