Членството во НАТО не ни е само политичка цел, туку и шанса македонската Армија да функционира подобро, а нејзините припадници да имаат подобри услови за работа. Денеска го потпишав Договорот со кој Армијата на Република Македонија ќе обезбеди нови 7.200 војнички чизми буквално за секој нејзин припадник.
Ова денеска го изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која пред почетокот на првиот студентски час се обрати на новата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Шекеринска информира дека одлуката за јавна набавка веќе беше прикачена на системот за јавни набавки, а договорот е потпишан денеска. Се работи за домашна фирма, во доминантно хрватска сопственост. Ќе бидат обезбедени околу 7.200 чизми во вредност од околу 650.000 евра.
– Овој процес го почнавме на самиот старт на годината, низ транспарентна постапка, со технички дијалог, со шанса за сите фирми да учествуваат, рече Шекеринска и изрази задоволство што овој договор станува важечки.
Потсети дека оваа година обезбедиле 15 отсто зголемување на средствата за буџетот на одбрана, ги зголемиле платите на сите припадници на АРМ, обезбезбедиле пари за целосно почитување на колективните договори и целосна исплата на сите дневници за 24-часовни дежурства.
Министерката за одбрана изјави дека согласно правилата во огласот за јавна набвавка, целосната испорака на чизмите треба да се случи во рок од 90 дена.