Синоќа, 2-ри октомври, ТАВ Аеродроми организираше прослава на Меѓународниот Аеродром Скопје за првите патници во заминување на новата авиолинија Скопје – Сараево, воведена од страна на AEGEAN Airlines, грчката национална авиокомпанија и членка на STAR ALLIANCE.
Со инаугуративниот лет што полета од Меѓународниот Аеродром Скопје, AEGEAN почна со операции меѓу двата главни града со авион ATR72-600, со три фрекфенции неделно.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопје до Сараево секој понеделник, среда и петок.
Љубезниот персонал на Меѓународниот Аеродром Сараево им упати топло добредојде на сите патници кои пристигнаа на првиот лет за Сараево и им додели симболични подароци за добар пат кон главниот град на Босна и Херцеговина – Сараево.
„Задоволни сме што AEGEAN го зголемува своето присуство на нашиот пазар, со воведувањето на уште една нова дестинација од Скопје, покрај Атина, а тоа е Сараево. AEGEAN ќе лета три пати неделно од Скопје до Сараево и со добра конекција со постојната релација Атина-Скопје ќе овозможи непречено патување низ Балканот. Веруваме дека оваа нова авиолинија ќе ја задоволи потребата на патниците за брзо и удобно да стигнат од Скопје во Сараево за нешто повеќе од еден час, наместо копнените видови превоз кои траат долги часови и значат исцрпувачки патувања меѓу двата главни града. Сега, луѓето од Сараево можат со летот на AEGEAN да пристигнат во Скопје за речиси еден час, и да ги откриваат неговите популарни места за разгледување и културно наследство за време на нивниот одмор во градот или пак за време на продолжени рекреативни патувања во земјата“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
„Задоволство ни е да ја прославиме денес, со нашите први патници и избрани туристички агенти, отворањето на нашата нова авиолинија од Скопје до Сараево. Со овој нов лет, за кој наскоро се надеваме дека ќе стане еден од омилените на патниците, сакаме да ја зголемиме поврзаноста и да го прошириме нашето присуство на балканските простори. Со нашите висококвалитетни услуги сакаме да ја промовираме меѓудржавната мобилност, да го промовираме туризмот и да ги зајакнеме трговските односи, не само меѓу двете земји, туку и со Грција. Воведувањето на оваа нова авиолинија е и резултат на соработката меѓу AEGEAN и Меѓународниот Аеродром Скопје и би сакал да им се заблагодарам на нашите колеги од ТАВ за одличното партнерство што го имаме. Ќе продолжиме да ја развиваме нашата мрежа и да нудиме нови можности за поврзување во регионот и, се разбира, со нетрпение очекуваме да ве видиме наскоро на еден од нашите летови“, изјави Роланд Јаги, главен комерцијален директор на AEGEAN.
„Наше големо задоволство беше да го пречекаме првиот лет на AEGEAN од Скопје, кој слета синоќа на Меѓународниот Аеродром Сараево. Посебно се радуваме на фактот дека воведувањето на оваа авиолинија беше резултат на заедничката и многу успешна соработка меѓу два аеродрома – скопскиот аеродром, управуван од ТАВ Македонија, Меѓународниот Аеродром Сараево и грчката авиокомпанија AEGEAN. Возбудени сме што AEGEAN ја препозна важноста и потенцијалот за воспоставување на оваа линија како одлично подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Убеден сум дека соработката меѓу AEGEAN и Меѓународниот Аеродром Сараево ќе биде долга и успешна“, изјави Алан Бајиќ, директор на Меѓународниот Аеродром Сараево.
До крајот на октомври, времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19:00 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20:10 часот, додека времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20:50 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Скопје. во 21:50 часот. Сличен распоред ќе биде понуден и во текот на зимата 2023/2024.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, го заокружи периодот од јануари до август 2023 година со вкупно 2.049.157 патници кои патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Ова претставува пораст од 32% споредено со истиот период во 2022 година, додека споредено со 2019, референтната година во авијацијата, статистиките во авиосообраќајот бележат 15% зголемување на бројот на патници. Во однос на бројот на летови, во 8-те месеци од 2023 година реализирани се 15.344 летови, или 20% повеќе летови од 2022, односно 4% повеќе споредено со 2019 година.