Железничкиот сообраќај во Европа е еден од најсигурните и најкористените превози на патници и стока. Скоро секаде државните железнички оператори во делот на патничкиот сообраќај работат со загуби, но гледано од социјален аспект, државите се грижат за своите граѓани и континуирано го субвенционираат овој вид на сообраќај.
Кај нас, секоја влада до сега од народниот буџет одвојуваше финансиски средства за субвенции во делот на патничкиот железнички сообраќај, но иако субвeнциите никогаш не се на задоволителното ниво, тоа не е изговор за лоши резултати на менаџерите во овој сектор.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат ја направи најкрупната инвестиција до сега во железниците од осамостојувањето на Македонија. И тоа е факт кој никој неможе да го побие, колку и да не му се допаѓа тоа. Купувањето на нови возови, локомотиви и товарни вагони требаше да биде иницијална каписла кон поголеми следни проекти што ќе значеа трајно решение на наталожените проблеми во овој сектор. Да се потсетиме, дека 40 години во нашата држава не беа купени нови возови. После 40 години се набавиjа нови патнички возови, се набавија нови товарни вагони, нови електрични локомотиви, се реновираа работилниците за одржување на возовите, се подобруваше железничката инфраструктура итн. Ако не беше оваа инвестиција, тврдиме дека денес немаше да постои патнички железнички сообраќај. За жал, сега после 3 години од доаѓањето на владата предводена од СДСМ, не гледаме континуитет на вакви проекти за подобрување на железничкиот сообраќај. А ветуваа. Ветуваа многу, но за жал еве им помина мандатот, НИШТО од ветувањата.
Потешкотии и предизвици во работењето на железниците имало и ќе има, но ваков аматеризам како сега, никогаш немало. Ваква меѓународна железничка изолација без ниту еден меѓународен воз не се памети. Се почести се реакциите на патниците за укинување и на внатрешни линии, доцнења на возови, незагреани и нечисти возови итн… И сега логично се поставува прашањето: За што ли се трошат народните пари од државните субвенции во патничкиот железнички сообраќај кога линиите се намалуваат, возовите не се редовни, немаат греење итн.? Во 2015 година од буџетот на Р.Македонија се одвоиле 265 милиони денари за субвенции во железничкиот сообраќај, а во 2019 година 430 милиони денари. За што се потрошија 165 милиони денари повеќе кога нема ниту еден започнат проект? Нема купено ниту еден нов вагон. Дали немајќи проекти, идеја, визија, народните пари се трошат само за плати со цел купување на социјален мир кај вработените?
И покрај немањето на ниту еден проект, директорот на МЖ Транспорт АД најде со што да се пофали. Возовите ладни како фрижидер, а директорот се фали со сменето име на имституцијата која ја предводи ?!? Чуму е потребно ново име кога патниците се премрзнати во возот. Замислете, најголемо достигнување на директорот е тоа што го сменил името на новите локомотиви, кои патем тој ги нема набавено, туку тие се проект на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се пофалат со воведување на нови меѓународни линии, со навремени возови, со интернет во возови, со затоплени и удобни возови, тие се фалат дека го промениле името на Македонски Железници и истото го напишале двојазично. Е затоа ситуацијата во железничкиот сектор е на ова дереџе, затоа што вакви залутани кадри го водат овој сектор.
Но нема да биде за долго. За 80-тина дена доаѓа казната од народот, а потоа доаѓа обновата, а богами и одговорноста за ова расипништво. ВМРО-ДПМНЕ подготвува посебна програма за развој на железниците во Македонија. Ќе ја обновиме железницата и ќе им пружиме на граѓаните пристоен железнички превоз, затоа што тие тоа го заслужуваат.
Синиша Ивановски за КУРИР