Поранешните вработени во „Охис“ не се откажуваат. И овој петок излегоа на протестен марш. Не ги примија ниту пратениците од собранието, ниту од министерството за правда, ниту во Владата. Велат нема да отстапат се додека Владата не одвои над 5 милиони евра за 24 заостанати плати на работниците. Тврдат дека пари од имотот на „Охис“ има, но надлежните го дале за багателна цена, додека работниците останале со празни раце.
Работниците се револтирани. Дел од вработените починале, други се во пензија, трети без работа, но сите со огромни долгови. Велат си го бараат само тоа што го одработиле, и тоа во мизерни услови подложни на хемикалии кои им предизвикуваат здравствени проблеми. Сметаат дека поделбата на парите од стечајната маса е нереална. Еден работник побарува 5 илјади евра во плати, а му следуваат едвај 100 до 200 евра. Гневни се бидејќи наместо долговите кон работниците, први ќе бидат подмирени големите компании.
Поранешните вработени во „Охис“ им се извинија на Скопјани бидејќи поради нивните протести сообраќајот е отежнат во главниот град, но велат, никој не треба да остане без пари на овој начин. Од стечајната маса им следува едвај петина од 7-те милиони евра, пари добиени од продажба на фабриката. Протестите ќе продолжат секој вторник и петок се додека Владата не најде пари да им ги исплати заостанатите плати и придонеси.