понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Вработените во Државниот завод за ревизија со отворено писмо до јавноста- Македонија три години е оставена без главен државен ревизор

Вработените во Државниот завод за ревизија со отворено писмо до јавноста- Македонија три години е оставена без главен државен ревизор

Вработените во Државниот завод за ревизија со отворено писмо се обрати до јавноста со цел да ги информира за неповолната состојба во која се наоѓа институцијата и да иницира поддршка за подобро решавање на проблемот со кој се соочува веќе подолг период.

Целото отворено писмо ви го пренесуваме во целост:

-Имено, на 24 декември 2017 година истече мандатот на главниот државен ревизор, Тања Таневска, за што беше информирано Собранието на РСМ и по скоро две години од истекот на мандатот не е избран нејзин наследник иако беше спроведен и јавен конкурс за избор на нов ГДР.

Во изминативе неполни две години со институцијата раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Мандатот на заменикот во траење од 9 години, истече на 04-ти октомври 2019 година, без да биде назначен овластен потписник, со што функционирањето на институцијата е целосно блокиранo. И за оваа состојба го информиравме Собранието со допис број 08-542/1. Државниот завод за ревизија е Врховна ревизорска институција која е формирана да обезбеди независна контрола на наменското и законското трошење на средствата на даночните обврзници како и да му обезбеди поддршка на Собранието на РСМ во исполнувањето на неговите надлежности, преку идентификација и презентација на неправилности, случаи на незаконско работење и можни случаи на корупција и злоупотреба на функција.

Уверени сме дека во досегашните 20 години од нашето постоење бевме доследни во почитувањето на основниот принцип на независност утврден во Декларацијата од Мексико за независност на врховните ревизорски институции. За овој период континуирано, објективно и навремено информиравме за констатираните состојби преку издадените ревизорски извештаи за што е сведок и јавноста. Без навлегување во причините кои доведоа ДЗР да се најде во ваква состојба и со оглед на тоа што оваа институција треба да остане надвор од политиката и партиските договарања, би сакале да укажеме на тоа дека повеќегодишното одлагање на избор за Главен државен ревизор ќе ги има следните последици по функционирањето на Државниот завод за ревизија:

– Реализацијата на Годишната програма за работа на ДЗР за 2019 година, ќе се доведе во прашање поради следните причини:

– од извршените ревизии за кои се изготвени нацрт извештаи, за истите нема да можат да се достават конечни извештаи до субјектите и до засегнатите страни,

– во тек е вршење на ревизии, за кои нема да бидеме во можност да доставиме извештаи до субјектите и засегнатите страни, – поради неможност да се најавиме кај субјектите на ревизија нема да бидеме во можност да започнеме со ревизии согласно Годишната програма за 2019 година;

– реализацијата на преземените обврски и активности од меѓународната соработка со други ВРИ, и (кооперативни, паралелни) ревизии кои се од исклучителна важност не само за ДЗР туку и за целата држава бидејќи единствено само преку нив може да се констатираат и споредат достигнувањата за одредена проблематика во однос на другите држави, ќе се доведе во прашање;

– Не ќе може да се донесе Годишната програма за работа на ДЗР за следната 2020 година;

– Нема да бидеме во можност да ги подмириме режиските и другите основни трошоци за работењето на институцијата како и други обврски кои произлегуваат од договорите по основ на јавни набавки;

– Нема да бидеме во можност да ги оствариме основите права од работен однос (плата, пензионирање), што ќе предизвика вработените да бидат надвор од системот на социјалното и здравствено осигурување и кредитните обврски;

– Извесно е дека ќе се организираат Предвремени парламентарни избори во РСМ, за што согласно Изборното законодавство ДЗР има важна улога во реализирање на истите, а нема да биде во можност да ги исполни.

– Извештајот на Европската комисија ќе содржи негативна оценка во делот за нашето функционирање.

Со континуираното одлагање на изборот на Главен државен ревизор, уште еднаш укажуваме дека институцијата се соочува да биде комплетно блокирана на неопределено време, што ќе доведе до немање контрола врз трошењето на јавните пари.

Во оваа прилика бараме да се заложите кај надлежниот орган за надминување на оваа неодржлива состојба во најкус можен рок, како Државниот завод за ревизија би ја остварувал функцијата согласно законот, стои во нивното отворено писмо.

Инаку неодамна и ВМРО-ДПМНЕ алудираше на тоа дека оваа институција веќе три години е оставена без главен државен ревизор.

Три години без главен државен ревизор – без контрола на трошењето на парите на граѓаните. Секоја чест шарени – успеавте

Денес државната ревизија игра голема улога во развиените економски земји кои посветуваат огромно внимание на транспарентноста и контролата на парите на граѓаните доверени на користење во јавните институции. Државна ревизија која подразбира испитување на документите, исправите и извештаите на извршената интерна контрола и ревизија, сметководствените, финансиските и законските постапки од аспект на тоа дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат финансиската положба и резултатот на финансиските активности дали е во согласност со прифатените сметководствени начела и Закони. Целта на ревизијата е да им обезбеди на заинтересираните страни (во овој случај граѓаните на Република Македонија) докази за веродостојноста на одредени информации, како и транспарентноста и отчетноста на јавните институции.
Сето ова НЕ важи за Владата предводена од СДСМ. Имено веќе скоро три години Државниот завод за ревизија е без назначен прв човек односно без Директор. Со Заводот раководи заменик директорот кој е кадар на ДУИ, а коалицијата предводена од СДСМ не назначува прв човек на оваа институција. Зошто?? Одговорот е едноставен: За да можат функционерите на СДСМ релаксирано и без контрола да ги трошат средствата на граѓаните.
Шарени револуционери, дали вие навистина се боревте за ова ? За на власт донесете партија која ги троши парите без контрола ?? Секоја чест. Пишува во Фејбук статусот на комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести