Вратени се неколку цистерни со мазут, а констатирани се нерегуларности и во внатрешноста на државата, ова денеска го изјави министерот за економија Бектеши, но не сакаше да ги открие имињата на фирмите од кои се вратени цистерните. Институциите имаат рок до вторник да ја информираат Владата што се содржел мазутот кој е вратен назад, но што покажуваат контролите и за изминатиот период..
– ДПИ направи одредени контроли во поглед на мазутот и веќе ги подготви сите решенија. Мазутот се контролира во други акредитирани лаборатории и тие се завршени од страна на Инспекторататот. Веќе се вратени неколку цистерни, но не сакам да навлегувам со имиња на компании. До вторник сите институции што имаат надлежност ќе достават информации до владата и ако треба, ќе ги објавиме компаниите, во кои се нашле неправилности, Крешник Бектеши – Министер за економија.
Во зависност од резултатите на контролата, Владата ќе ги предаде документите на јавното обвинителство..
Oсвен мазутот, Владата најавува засилени контроли на сите видови нафтени деривати. Од Државниот Пазарен Инспекторат велат дека веќе започнале со вонредни инспекциски надзори и на бензинските пумпи со државната мобилна лабораторија. Каде се направени котнролите не сакаа да откријат, но велат станува збор за бензински пумпи и увозници кои го покриваат најголемиот дел од пазарот во државата.
Институциите се разбудија и почнаа да постапуваат по документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија „Заговор против воздухот“ во којшто беше откриено дека отпадно масло се увезувало како мазут и се горело во болници и државни институции, но и приватни компании.