Македонија е во длабока енергетска криза. Вистината за енергетската криза излезе на површина веднаш по завршувањето на вториот изборен круг и Уредбата за прогласување на кризна состојба. Актуелната власт ја прекриваше состојбата во енергетскиот сектор и трупаше милионски задолжувања се со цел да го одржи и така нарушениот рејтинг во предизборниот процес во изминатиот период.
Но, за МЕПСО нема енергетски шок, и покрај енергетската криза, менаџментот на МЕПСО во август решил да патува и потпишал договор за набавка на авионски билети за европски и далечни дестинации во износ од 125.000 евра.
Во август потпишале договор за авио билети, кога е јасно дека криза постои во Македонија. МЕПСО троши на авио билети иако во 2020-та година во МЕПСО се акумулирани загуби од 6 милиони евра.
Компанијата каде со години владее превработеност, непотизам и нестручност, и која тоне во долгови троши на авио билети. И додека во Македонија во секој момент се очекува поскапување на струјата компанијата не се менаџира домаќински.
Македонија е енерегетски најсиромашната држава во Европа. Секое трето домаќинсто не може да си го загрее домот. Немањето пари да се платат високите сметки за струја е најчестата причина, според истражувањата.
Додека власта купува 5 пати поскапа струја, од тоа што државата сама може да произведе.Во изминатите неколку дена државата потроши над 9 милиони евра за купување на струја, по цена и до 250 евра од мегават час. Тоа е и до 5 пати повеќе отколку цената на произведен мегават час од македонските електрани.
Поради непланско работење езерата се празни, акумулациите за работа на хидроцентралите се на ниско ниво, посебно последниот месец кога се на минимум со вкупна резерва помалку од 10 проценти.
Поради непланско и недомаќинско работење, машините за ископ на јаглен во РЕК Битола се удавени во вода, РЕК Битола се сведе на работа со еден или два блока со половична моќност и со резерви на јаглен за помалку од два дена за работа. РЕК Осломеј нема јаглен и работеше со мала количина на купен јаглен од надворешни компании. ТЕЦ Неготино го потроши својот мазут за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј па сега ниту ТЕЦ Неготино нема можност да влезе во погон.
Со енергетската криза ќе следува и економски удар врз граѓаните. За надминување на политичката, енергетска и економска криза неопходни се брзи избори и стабилно владино мнозинство кое ќе работи на изнаоѓање на модели за решавање на енергетската и економска криза.