Во пасошите на Македонците во Србија, во графата на местото за раѓање не стои терминот „Република“, туку само „Северна Македонија“. Како што објави „Алфа“, Македонците таму не успеале да добијат објаснување зошто. За нив е вознемирувачки, што после промената на името, сега во овој личен документ е збришан и описот на уставното уредување на земјата. Факт што не е за занемарување.
-Зошто го нема полното име? Нашата држава е Република, а не област „Северна Македонија“! Сакаме да знаеме дали е ова правило што произлезе од преспанскиот договор, а не го знаеме? Има ли грешка и каде да ја бараме? , прашуваат Македонците во Србија.
Дали српските власти постапиле согласно некаков правилник или договор со македонската страна?
Македонското министерство за надворешни работи објаснува дека Преспанскиот договор тоа го дозволува, дека можело да стои и со „Република“ и без. Изборот бил на државата во која Македонците живеат. Посебни насоки не постоеле.
-Долгата и кратката форма на името на државата се подеднакво валидни. Која од нив ќе биде искористена во конкретен случај (во зависност од просторот кој го имаат во одредена ситуација) е избор на секоја од земјите. Не е во наша надлежност да одговораме за нивните одлуки или решенија во нивните документи. Не постојат договори или правилници од тој тип како што наведувате, велат од министерството за Алфа.
Не залудно официјалните имиња на државите ги содржат термините Република, Кралство, Сојузна Република и слично што ги разликува од географските области и ја отсликува нивната сувереност.