По многуте ветувања на премиерот Зоран Заев кон лозарите за загарантираниот откуп на грозјето по достојна цена, лозарите не само што не дочекаа да го продадат нивниот производ по цена со која би се исплатил нивниот труд и пари кои ги вложиле во текот на годината, туку власта користејќи ја полицијата не им дозволува ниту да го изразат нивниот револт преку мирни протести.
Ова многу јасно мoжеше да се види и вчера кога на социјалните мрежи беа објавени и видеа на кои се гледа како полицијата интервенира и ги растерува лозарите кои се организираа да го изразат нивното незадоволство од откупната цена на грозјето.
Инаку Заев како опозиционер беше многу гласен за откупната цена на грозјето и бараше државата директно да интервенира во откупната цена, веднаш откако дојде на власт изјави дека ваквата интервенција од страна на државата е незаконска и би можела да биде казнета со казна затвор.
-Сите овие непродуктивни трошоци, кои што се трошат одат во неповрат, имаме живи луѓе, наши граѓани на кои што треба да им помогнеме. Јас верувам дека ќе се смогнат сили директно да се интервенира и да се откупи ова грозје, изјави Заев во 27.09.2016 како опозиционер.
За само нецели две години подоцна пак изјави:
-Јас не можам реално вечерва да кажам слушајте дадено е, не е чесно. Не сум сам што носам одлуки, има закони во државата, се работи за јавни, трошењето на јавни пари ако не е по закон се смета за ненаменско и незаконско трошење пари и се одговара по закон со казна затвор.
Заев и оваа година пред да започне бербата на грозјето јавно ги убедуваше лозарите дека проблемот со откупот на грозјето е решен, а ветуваше и откупни цени над 9 со 11 денари но во моментот не само што откупните цени се 2 со 4 денари со кои не може да се покрие трудот и вложените средства туку и нема откуп за целото грозје.
Во оваа насока реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на партијата, Александар Николоски кој беше во посета на Сопот каде што како што тој изјави само во ова место остануваат неоткупени помеѓу 9 и 12 милиони тони грозје.
– Зелената мафија царува и во откупот на грозјето, за ова зборувавме пред изборите и бевме јасни дека ова ќе се случи доколку СДСМ остане на власт. За жал коалицијата на СДСМ и ДУИ остана на власт. И имаме огромен проблем со откупот на грозје. Само во Сопот каде што сме вечерва остануваат неоткупени помеѓу 9 и 12 милиони тони грозје, што значи скоро целокупниот род, истакна Николоски.
Тој додаде дека како опозиција предлагаат да се организира надзорна расправа во Собранието за состојбата во лозарството и откупот на грозјето, а на оваа расправа ги повика и сите надлежни од Владата да се соочат со земјоделците. Како основно барање на ВМРО-ДПМНЕ до владата рече дека треба да се направи организиран државен откуп на целокупното грозје кое што не е откупено и наместо да се купуваат 50 луксузни автомобили, да се откупи целокупниот род на грозје кое што останува по нивите оваа година во Тиквешко и цела Македонија.