„Јас лично сметам дека ова е класичен пример на мешање на извршната во судската власт. И тоа не на кој било од извршната власт туку лично на премиерот. Потсетете се или да ја потсетиме јавноста премиерот тврдеше дека Рашковски не е виновен. Премиерот не му се веруваше дека Ден Дончев е вмешан во корупциски скандал. Па, Ден Дончев си замина, го нема, не е достапен за органите на прогонот. Премиерот испраќаше пораки и за Мијалков, го праќа кај обвинителот, што има обвинителот со тоа, треба да си оди во суд. Сакам да кажам дека одамна и јавноста, посебно стручната која ги познава прописите гледа дека лично премиерот се меша во судската власт по сите линии, по сите основи, и испраќа пораки до правосудните органи во насока како да се движат предметите“, истакна Воислав Зафировски во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Зафировски додаде дека премиерот нема допирни точки со правото.
„Граѓаните видоа до кај стаса Заев со трас – трас реформите во судството. Нема човекот никаква допирна точка со правото и може да ветува што сака меѓутоа во правото постојат принципи, и постојат меѓународни принципи кои едноставно не можат да се погазуваат. Пак ќе кажам кога Републичкиот судски совет дојде ред за првпат да стане и да рече ало ова не оди вака, јасно ви е до кој степен извршната власт ја има судската власт во својот скут“, нагласи Зафировски.
Зафировски посочи дека граѓаните јасно се изјаснија на анкетите дека најголема недоверба имаат во судството и тоа не е случајност.