петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зафировски: Владата го штити Мерко иако има надлежности да ги одземе ингеренциите врз локалната самоуправа

Зафировски: Владата го штити Мерко иако има надлежности да ги одземе ингеренциите врз локалната самоуправа

„Владата ако сака Република Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија најнапред мора да си го среди сопственото буниште. Да воспостави правосуден систем, правна држава достапна за секого а не за оние кои може да си ја купат. Да воспостави амбиент за развивање на економијата и поттикнување на претприемиштвето“, истакна поранешниот антикорупционер Воислав Зафировски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа.

Тој додаде дека дури 4 проценти од граѓаните имаат доверба во правосудниот систем на Република Македонија.

Зафировски посочи дека Македонија е пренатрупана со разни истражувања на јавно мислење за корупција. Нам не ни треба истражувања за корупцијата туку истраги кои ќе ги докажат коруптивните работи.

„Ковачевски има механизми веднаш да го реши Мерко да му ги одземе ингеренциите. Владата има надлежности да ги одземе ингеренциите на локалната самоуправа, а тој тоа не го прави и ја префрла топката на институциите кои се нефункционални“, кажа Зафировски.

Тој изјави дека Мерко како владетел на тој простор останува бидејќи партијата и Али Ахмети застана зад него, а СДСМ молчи.

„Јовевски е загрижен дали ќе е избран за уставен судија или нема да биде избран, а ако оди во пензија по промената на власта ќе мора да одговара за кардиналните грешки во неговото работење и тој е на крстопат. Ако преземе нешто против Мерко во тој случај може да не биде избран за уставен судија и затоа калкулира“, рече Зафировски.

Тој вели дека основно е да се решат сите домашни задачи во однос на функционирање на правната држава и функционирање на правото за сите.

„Притисокот на јавноста е голем меѓутоа за да има вистинска борба против корупцијата потребна е политичка волја и желба. Одговорност не верувам дека ќе има затоа што сите се обидуваат да ги тргнат рацете од врелиот костен“, вели Зафировски.

Зафировски е дециден дека до тој степен се партизирани институциите што заради партизацијата се нефункционални.

Најнови вести