„Република Северна Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската унија“.
Ова го изјави заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание и поранешен министер за надворешни работи од 2017 до 2021 година.
Како што пренесува БГНЕС, нејзиниот коментар е поради претстојното гласање во македонскиот парламент за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија.
Захариева ги повика „македонските соседи и пријатели, да не се плашат од промените“.
-Измена на Уставот на Република Северна Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати – потенцираше Захариева.
Таа смета дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.
-И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв – рече Захариева.
Потсети дека за сето ова да се случи Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од Република Северна Македонија.
-Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и од неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за Република Северна Македонија и граѓаните на оваа држава, тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат – вели Захариева.