Нема начин во оваа фаза да се каже „да“ за почетокот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, изјави бугарската министрска за надворешни работи. Екатерина Захариева, нагласувајќи дека Бугарија не ги оспорува јазикот и современиот идентитет на населението.
-Ние ја изразивме нашата позиција многу јасно. Сега тоа е видливо во јавноста. Уште минатата година, Владата достави декларација до парламентот, која беше поддржана од сите партии. Значи, нашиот став за Македонија не е нов, како што тврдат некои. Мислам дека имаме обединување на оваа тема – рече министероката за „БТВ“.
Таа посочи дека е во интерес на Бугарија сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ.
-Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори со Македонија. Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година и ратификуван во 2018 година, но тој не се спроведува – рече Захариева.
Таа повтори дека и покрај шпекулациите во Македонија, Бугарија нема претензии за тоа како да се определуваат граѓаните на оваа република, но и Македонците не треба да имаат претензии за бугарската историја.
-Не е само историјата тоа што загрижува, туку и говорот на омраза. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји. Кабинетот е обединет по прашањето за Македонија, јас сум во постојан контакт со премиерот Бојко Борисов. Какви било шпекулации дека некој ќе промени нешто во последен момент не се вистинити – категорична е Захариева.
Според неа, треба со добра волја да се спроведе договорот потпишан меѓу двете страни, а не да се барааат начини за негово заобиколување.
-Ние не сакаме бугарско малцинство во Македонија, затоа што тоа значи признавање на делото на оние кои работеа 75 години за уништување на бугарската самосвест на тамошното население, за нејзино бришење. Таму мора да се создадат услови за луѓето што го прогласуваат својот бугарски идентитет во Македонија да не бидат дискриминирани и слободно да можат да се изјаснат за тоа што се. Сè уште не сме се согласиле за сите прашања за да кажеме „да“. Премиерот Борисов исто така и’ објасни на канцеларката Ангела Меркел дека напредокот не е доволен – рече Захариева.
Во врска со работата на Заедничката бугарско-македонска комисија и договорот што историчарите го постигнале за 5 лица, Захариева вели дека резултатот не е објавен јавно и не е влезен во учебниците.
-Ова значи дека резултатот од работата на комисијата е минимален бидејќи, не стигнал до македонското општество – вели Захариева.