„Нашата цел е да ја признаеме заедничката историја, да ги чествуваме заедно оние херои кои се самоопределуваа како Бугари, но се бореле за идеалите на Македонија, која што, што е проблемот да се каже, да, јазичната норма, која е официјална во нивниот Устав, започна во 1945 година и се заснова на бугарскиот јазик. Кој е проблемот да го кажат тоа? Ние не го оспоруваме нивниот идентитет, ние први кои ја признавме, тогаш Република Македонија. Не постои правна норма за признавање на нација и јазик“, ја пренесува БГНЕС изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева .
„Со текот на годините, Бугарија отсекогаш била една од најсериозните поддржувачи на С. Македонија и навистина сакам да ги повикам – ние потпишавме еден договор, двајцата премиери ги ставија потписите и не е добро да се оспорува она што го пишува таму,“ вели Захариева.
„Уште во 1999 година имавме договор со С. Македонија, кој беше потврден со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и во кој се договоривме како да се нарекува официјалниот јазик, според Уставите на двете држави. Тоа е формулата за која се согласивме и сакам да се придржуваме до неа“, додава Захариева.
Според неа, научниците, се разбира, можат да ја помогнат работата на дипломатите, но работата на Комисијата не смее да се политизира.
„Ако треба да бидам искрена, еднострано суспендирање на оваа Комисија од страна на С. Македонија се чини дека ја политизира оваа Комисија“, смета Захариева.
Таа додава дека за да работи Комисијата треба да има состаноци, дури и на оддалеченост, а не го разбира тоа „средбите да запираат со аргумент дека таму претстојат избори“. Идејата е, како што вели Захариева, да се остават историчарите и експертите да работат и тие самите да стигнат до заедничко решение за кое што ќе ги информираат политичарите, без овие да им се наметнуваат.
„Во последно време има над 100 публикации за Бугарија во С.Македонија, како сите таму да го разбираат фудбалот и Бугарија, а за жал, тоа не е случај кога антибугарската тема е присутна на нивните избори. Мислам дека изборите минуваат, но соседите остануваат“, изјави Захариева.