Финансиските регулатори склучија Меморандум за меѓуинституционална соработка со кој што ја зајакнуваат соработката во следењето на состојбите во финансискиот систем. Во околностите коишто ги наметнува корона-кризата, со максимална посветеност на секој регулатор во рамки на неговите надлежности, координирано ќе се одржува финансиската стабилност.
Како што соопшти Народна банка, ова е пораката којашто ја упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Хаџиев. Тие склучија нов Меморандум за меѓуинституционална соработка заради одржување на финансиската стабилност, изготвуван во текот на изминатите неколку месеци, во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
-Меморандумот се склучува со цел преку поголема меѓусебна координираност на регулаторите, и натаму навремено и ефикасно да се идентификуваат системските ризици и навремено и усогласено да се преземаат активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем. Со активностите коишто се предвидени со меморандумот, отпорноста на нашиот финансиски систем на шокови ќе биде дополнително зајакната и надлежните институции со уште поголема подготвеност ќе управуваат со предизвиците за системот, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, се посочува, согласно со одредбите на Меморандумот се унапредува улогата и се проширува составот на Комитетот за финансиска стабилност, по примерот на Европскиот одбор за системски ризици.
-Досега Комитетот го сочинуваа само претставници на Народната банка и на Министерството за финансии. Отсега, во работата на Комитетот учествуваат сите регулатори на финансискиот систем, а негов национален координатор е гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во рамки на Комитетот ќе функционираат и два поткомитетa, како оперативни тела – Поткомитет за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитет за подготовка за управување со финансиска криза. Заради остварување на поставените цели, давање препораки и преземање соодветни активности, преку Комитетот координирано ќе се следат анализите за состојбите во финансискиот систем, како и регулативата којашто може да има влијание врз финансиската стабилност, стои во соопштението.
Во натамошниот период, посветено ќе се работи на зајакнување на макропрудентната рамка, заради што, како што се најавува, ќе се пристапи и кон унапредување на регулативата, со што едновремено се следат и препораките од Програмата за проценка на финансискиот сектор на ММФ и Светската банка, спроведена во 2017 и 2018 година.