Процедурата за назначување на новата амбасадорка на САД во Скопје, Кејт Мери Бирнс, започна денеска во Сенатот со нејзино сослушување пред Комитетот за надворешни работи, јави МИА од Вашингтон.
Бирнс во ноември минатата година беше именувана од претседателот на САД за нова амбасадорка на САД во нашата земја, на местото на досегашниот амбасадор Џес Бејли.
Следната етапа е нејзино назначување од страна на горниот дом на американскиот Конгрес. Процедурата започнува со сослушување пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, а потоа назначувањето формално треба да биде изгласано во ова законодавно тело.
Бирнс е родена во сојузната држава Флорида. Таа е дипломат од кариера од Вишата служба за надворешни работи на Стејт департментот и има ранг на министер-советник.
Денеска во Комитетот за надворешни работи на Сенатот беше сослушан и новименуваниот амбасадор на САД во Турција, Дејвид Мајкл Сатерфилд.