Почетокот на процесот на припрема на Законот за измена и дополнувања на Законот за игри на среќа кој од 21 јануари е достапен на Единствениот национален електронски регистар (Енер), го одвлекува вниманието на тоа што требаше одамна да биде регулирано (Уредбата за онлајн обложување), на она што се коси со сите европски закони – ограничување на работата на компаниите од оваа стопанска гранка со воведување на уредба за задолжително растојание на деловните простории од образовните институции. Се споменуваат дури 500 метри?!
Во ниту една земја членка на Европската унија не постојат вакви законски решенија, кои би имале катастрофални последици врз веќе кревката економија и криза заради пандемијата на коронавирусот. Вакви предлози се косат со секоја европска пракса, на приредувачите им се одзема правото на работа и остварување на приход од регистрирани дејности на места во кои со години има вложувано огромна сума на пари и стекнал доверба од клиентите. Се работи само за популистички обиди на одредени интересни групи под изговорот за заштита на населението од претерана изложеност на игрите на среќа да се воведат рестриктивни одредби.
Меѓутоа, истражувањата кои се правени на оваа тема го говорат токму спротивното. Студија на Институтот за ментално здравје во Торонто, како и студија на Универзитетот Метрополитен во Манчестер и многу други, покажуваат на тоа дека не постои влијание на оддалеченоста на објектите врз порастот на учество на малолетниците во игрите на среќа. Резултатите од истражувањето покажале дека присутноста на местата за обложување и конзумирањето на игри на среќа не влијаат на развојот на самата патологија. Резултатите на тие истражувања преточени се дури и во законодавна пракса во повеќето земји, кои не познаваат ограничувања на оддалеченост, туку превенцијата се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување.
Во постоечкиот Закон за игри на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот дека „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член според кој „на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во казино, во простории во кои се организира томбола од затворен тип, во обложувалници и во автомат клубови“.
Добро регулираниот пазар на игри на среќа носи прилив од 280 милиони евра во државната каса, овозможува 10.000 работни места, односно 70.000 индиректно вработени, а било какви лоши законски решенија значат само едно – гасење на индустријата која придонесува кон економската стабилност на државата дури и во време на најголема криза, а цветање на црниот пазар, сивата економија, одлив на стотина милиони евра од земјата на странски сајтови за обложување, неможност за заштита на играчите и чувствителните групи како што се малолетниците на кои илегалното обложување ќе им биде на дофат на раце. Вакво бесмислено сценарио би имало несогледливи последици по економијата и општеството.
Со воведувањето на било какво минимално растојание на уплатно-исплатните места од образовните институции, на приредувачите на игри на среќа директно би им се одзело правото на континуитет на работење и деловни активности стекнати врз основа на закон. Инвеститорите мора да уживаат целосна правна заштита и сигурност, што е едно од основните достигнувања на европската интеграција. Нивните права стекнати за време на инвестицијата не смеат да бидат одземени, поништени или ограничени со какво било следно изменување и дополнување на законите и подзаконските акти.
Уште еден аспект од вакво или слично ограничување на работата и функционирањето би значело и прекршување на уредбата за заштита на странски капитал и права на инвеститорот. Со оглед на тоа што во Македонија работат и странски компании во областа на игри на среќа, нивните вложени средства се заштитени со Уставот на Република Северна Македонија, но и со спогодби кои државите членки на Европската Унија ги донеле од крајот на 1960-тите до денес. Прекршувајќи ги нивните права и ограничувајќи го правото на работа преку некои бесмислени законски одредби, би значело и директна штета за државата, која би морала да плати отштета од неколку стотици милиони евра.
НЕИЗВОДЛИВО НА ТЕРЕН
Воведувањето на било какво минимално растојание е невозможно и неизводливо на терен, поради фактот дека во помалите градови на државата, кои имаат само една главна улица и неколку споредни, образовните институции се наоѓаат во централниот дел на градот, каде истовремено се лоцирани и деловни објекти, со што во целост се спречува отворањето на уплатно-исплатните места во сите мали градови ширум Република Македонија.
Покрај тоа, кога се гледа Градот Скопје, земајќи ја предвид густината на населеност, површината на градот и изграденоста на истиот, посебно присуството на голем број образовни институции, неспорно е дека не постои простор во кој приредувачите на игри на среќа би можеле да отворат уплатно-исплатно место.
ОНЛАЈН ОБЛОЖУВАЊЕ
Пред празниците се споменуваше дека прашањето за онлајн обложување по пат на лиценцирани спортски обложувалници наскоро ќе се реши со измени во Законот за игри на среќа. Меѓутоа, не е прецизирано за кога е тоа планирано, а и понатаму нема напредок по ова прашање.
Приредувачите од индустријата за игри на среќа испратија барање до Владата да ја продолжи лиценцата се додека не се реши тоа прашање, но наместо тоа, Уредбата која овозможи онлајн обложување беше укината! Со тоа на играчите им е одземен најбезбедниот начин на забава, а на компаниите од оваа гранка им е одземена можноста за непречено работење во период на криза.
Што повеќе се пролонгира одлуката за онлајн обложување, толку поголема е опасноста многу работни места да бидат загрозени. А, повеќе од 70.000 луѓе во потполност или делумно зависат од генерирање на личен доход од ланецот на вредности кој го има создадено оваа индустрија!