На територијата на националниот парк Шар Планина нема болест африканска чума кај дивите свињи кои биле застрелани согласно договор со ловечки друштва со цел да се намали опасноста од ширење на таа болест на заштитеното планинско подрачје. Од Јавната установа Национален парк Шар Планина потсетуваат дека ловот таму е целосно забранет, а договорот со ловечките друштва за ткн. санитарен лов се однесува само за одреден период со цел елиминирање на болеста.
-Денес, на 31.01.2023, истекува важноста на Решението и договорите за соработка кои Јавната установа Национален парк Шар Планина ги склучи со ловечките друштва Кучи Баба, Шќипоња е шарит, Шар Планина и Љуботен со цел превземање мерки во однос на појавата на африканската чума кај свињите.Договорите беа склучени врз основа на Решението за одобрување на ловење на дивеч под заштита и преземени мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во однос на појавата на африканска чума кај свињите донесено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство бр.50-8629/1 од 30.08.2022 година и Решението на АХВ за контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите бр. 10-2257/2 од 03.08.2022 година и измените и дополнувањата на ова Решение. Врз основа на ова решение на територија на НП Шар Планина биле отстрелани 13 диви свињи, а според резултатите добиени од анализите од АХВ болеста не е детектирана, информираат од НП Шар Планина.
На подрачје на националниот парк освен забранет лов на диви животни, забрането е и движење на лица со пушка и други средства за лов.
-Непочитувањето и прекршувањето на законите и правилата ќе биде санкционирано согласно позитивните законски пропоси, порачуваат од НП Шар Планина.
Незаконит лов е казнив по член 228 од Казнениот законик на Република Северна Македонија.