Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето на сесијата на високо ниво „Што после војната во Украина?“, во рамки на Преспа форумот за дијалог што се одржува денеска и утре во Охрид.
Сега е историски момент за Европа и европската безбедност, кога сите треба да одлучат – што е Европа и каква ќе биде Европа во иднина. Дали ќе биде слободна како што е сега? Дали ќе биде безбедна како што се навикнати повеќето Европејци? Дали ќе биде социјално и економски развиена, и што ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент?, праша Зеленски кој беше специјален гостин на Преспа форумот.
Тој нагласи дека за Украина ова е најстрашниот воен предизвик и оти украинскиот народ се брани веќе 113-ти ден од, како што рече, руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура.
Русија сите нас не предизвика – секоја нација на континентот, секој регион во Европа. Почнувајќи ја оваа војна против Украина, Русија се обиде да направи oтскочна даска за напад врз други нации во Европа. Затоа нашата одбрана во оваа војна е од фундаментално значење за безбедноста на секого во Европа, нагласи Зеленски.
Сите ние во демократскиот свет, продолжи украинскиот претседател, се соочивме со енергетска криза без преседан.
Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски ресурси, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е со пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку се создава и нова мигрантска криза. Ќе споменам уште еден елемент од руската антиевропска политика – а тоа е дека Русија е можеби најголемиот инвеститор во пропаганда, оцени Зеленски.
Тој оцени дека токму затоа, сериозна дискусија за безбедносна архитектура во Европа мора да биде базирана на потребата да се ослободи Европа од зависноста што руската држава ја прави со децении.
Безбедноста е невозможна без тоа и затоа се потребни санкции за антиевропската политика на Русија. Ова треба да се земе предвид при подготвувањето на седмиот пакет санкции на ЕУ. Треба да разбереме дека санкциите станаа дел од европската безбедносна архитектура. Тие имаат за цел мир и стабилност ограничувајќи ја способноста на Русија да ја прошири агресијата, оцени Зеленски.
Тој притоа истакна дека на Европа и е потребна целосна енергетска независност.
Не може да се одржуваат трговски врски со Русија. И најважно од се е ние мора да ја направиме Европа конечно обединета. Поради тоа Украина и вашите земји од Западен Балкан се подеднакво заинтересирани за тоа. Самитот на ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи наскоро. Посакувам тој да биде успешен за вашите држави. Ви благодарам за вашата поддршка за Украина што ни ја давате на повеќе нивоа, при што овој јуни ќе биде успешен за нашата земја во релациите со ЕУ. Одговарајќи за нашата европска перспектива, и одговарајќи за вашата европска перспектива, народите во Европа и европските политичари одговараат за иднината на Европа, заклучи во своето обраќање украинскиот претседател Зеленски кој се обрати како специјален гостин на Преспа форум дијалогот што се одржува во Охрид.