Разочарани земјоделци денеска протестираа пред Министерството за земјоделство поради неисплатата на штетите од елементарните непогоди во 2018 година.
-Ние со последните напори бараме решение бидејќи деловите од Арачиново и неколку села од Гази Баба имаат претрпено огромни штети од невремето во 2018, но до ден денес не е исплатена штетата иако од страна на владата и министерот имаше ветување дека ќе се реши, но нема ништо од тоа, велат разочараните земјоделци.
Тие најавија и доколку до идниот петок не се исплатат парите за штетите ќе ја блокираат скопската обиколница кај клучката во Стајковци.
По ова земјоделците беа примени и на средба со дополнителниот министер Цветан Трипуновски.
Тој сподели и статус на својот Фејсбук профил во врска со средбата.
-Денеска се сретнав со земјоделци од Арачиново, Стајковци, Брњарци и други села од скопско. Тие во форма на Иницијативен одбор дојдоа да го искажат својот револт од власта, која 3 години ги лаже и не им ги исплаќа обештетувањата од невремето од 2016 и 2018 година, како и субвенциите за изминативе години.
Трајан Димковски и Зоран Заев три години не им ги исплаќаат обештетувањата за штетите кои ги претрпеле од невремето, иако истите имаат уредна документација.
Земјоделците од Арачиново, Стајковци и Брњарци како што ме информираа се лажени од Трајан Димковски во неколку наврати, како и од други претставници од власта, кои ветувале исплата, ама не ја реализирале.
Оттука ја повикувам власта, Оливер Спасовски како технички премиер и Трајан Димковски, како МЗШВ веднаш да пристапат кон исплаќање на обештетувањата на земјоделците и субвенциите кои им ги должат.
Доколку СДСМ не го стори тоа, ВМРО-ДПМНЕ веднаш по формирањето на владата по 12 април ќе ги исплати сите заостанати обврски кои Зоран Заев со години не ги исплаќал, стои во постот на Фејсбук.