Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски од денеска ќе учествува на 13. традиционален Дубровник форум 2018 насловен „Зајакнување на отпорноста Медитеран, Европа и Западен Балкан“.
На форумот до 1 септември, како што соопшти МНР, се очекува да присуствуваат премиери, министри и заменици министри за надворешни работи од регионот, Европа и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.
Најавено е Жерновски да оствари билатерални средби со повеќе претставници и учесници на форумот. Теми на разговор ќе бидат новите моменти поврзани со претстојниот референдум во однос на Договорот со Грција и потврдување на поддршката за евроатланските интергации што се очекува од страна на меѓународните партнери. На средбите ќе биде разговарано и за останатите активности кои и претстојат на Македонија во насока на подготовката за почеток на пристапните преговори.
Жерновски ќе има и обраќање на тема „Зајакнување на отпорноста преку справување со лажните вести и манипулација на медиумите“.
(Миа)