Околу 180 бездомни лица од Скопје веќе 10 години имаат можност да ги користат услугите на пунктот за бездомни лица во Момин Поток. Двапати неделно тие добиваат совети и поддршка од психлог, социјален работник, здравствени услуги, лекови, облека, а одржуваат и лична хигиена.
– Се работи за категорија граѓани кои од различни причини го завршуваат животот на улиците на главниот град. Пунктот функционира 10 години со цел овие лица да ги интегрира во општеството да не ги направи зависни од овој пункт. Затоа добиваат совети, психолошка поддршка, односно се прави се дека тие треба да го вратат животот во свои раце, рече Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на град Скопје.
Таа рече дека наредната година ќе се направат обиди за надградба на пунктот со изградба на трпезарија и посебна просторија за индивидуална поддршка на лицата, бидејќи, како што рече, евалуациите покажале оти таа дава добар успех и дека на таков начин 10 од овие лица веќе се вработиле и се вратиле во нормалниот тек на живеење.
Според неа, загрижува фактот дека се зголемува бројот на бездомни лица, но, како што рече, не се знае дали е тоа заради реално зголемување на бројката или, пак, тие биле скриени и досега не ги користеле услугите на пунктот.
– Пред две недели бројот на лица кои на дневна основа го посетуваа пунктот изнесуваше од 48 до 55, а во последните две недели е зголемен бројот на 65 лица, истакна Тунева Пауновска.
Најчести причини поради кои овие лица станале бездомници е банкрот на одредени сопствени бизниси, нерешени семејни односи, алкохолизам, психички проблеми, депресии и разни нервни растројства.
Секретарот на Црвениот крст на град Скопје најави дека ќе се прават напори во иднина пунктот да работи 24 часа во текот на целата година, бидејќи, како што рече, само со секојдневни контакти со овие лица може да се работи на нивна ресоцијализација и на нивна повторна интеграција во општеството.
Таа потенцира и дека услугите на овој пункт ги користат две категории бездомни лица, првата која бездомништвото го сфаќа како филозофија на живот со користење на услугите на институциите и граѓанските организации, а втората која што има потреба од социјално домување.
Денеска е Светскиот ден на бездомништво и во рамки на одбележувањето во пунктот Момин Поток за бездомниците беше обезбеден ручек, донација од приватно лице, како и помош во чевли за 70 бездомни лица кои редовно ги користат неговите услуги. Пунктот е финансиски поддржан и од градот Скопје и повеќе компании и граѓани. (МИА)