Во јуни годинава се издадени 273 одобренија за градење што е за 35,1 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 12.913.000.000 денари што е зголемување за 469 проценти.
Според Државниот завод за статистика, од вкупниот број издадени одобренија за градење, 142 или 52 отсто се за објекти од високоградба, 54 или 19,8 отсто се за објекти од нискоградба и 77 или 28,2 процента за објекти за реконструкција. Од вкупно 273-те објекти, на 159 или 58,2 отсто инвеститори се физички лица, а на 114 или на 41,8 отсто објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 519 станови, со вкупна корисна површина од 45.634 метри квадратни.
-Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период се издадени одобренија за градење на објекти од нискоградбата со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во Пелагонискиот регион, делница 5 од магистралниот гасовод во Полошкиот регион, биогасната и ветерна електроцентрала во Вардарскиот регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во Југозападниот и во Пелагонискиот регион, наведува Државниот завод за статистика. (МИА)