среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зголемен бројот на македонски кандидати за студии на универзитетите во Франција

Зголемен бројот на македонски кандидати за студии на универзитетите во Франција

За над 40 проценти има зголемување на бројот на кандидати од земјава кои сакаат да запишат прва година студии во Франција и за 20 отсто повеќе корисници на стипендиите за извонредност на почетокот на оваа академска 2023/2024, соопшти францускиот амбасадор во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, на отворањето на 16. Саем на студии во Франција, што денеска се одржува во НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје.

Покрај овие стипендии, рече тој, има и други поволности благодарение на потпишаниот Договор меѓу Францускиот институт-Скопје и Универзитетот во Каен. Наведе и два, како што рече, „опипливи резултати во универзитетската соработка“ меѓу двете земји – вклученоста на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот од Ле Ман во рамки на Алијанса на европски универзитети.

-Во тек е уште еден таков проект и се надевам дека ќе успее бидејќи оваа е последната година да се одговори на повикот за проекти… Постои и друг проект што го спроведува ИНАЛКО, за основање докторска школа на Западен Балкан во рамки на Франкофонската универзитетска агенција, рече Бомгартнер.

Саемот во НУБ, што го организираат Францускиот институт во Скопје и Француската агенција за високо образование „Кампус Франс“, е можност македонските средношколци, студенти, универзитетски професори да се запознаат со можностите за високо образование во Франција или за остварување универзитетска соработка, да се информираат за понудата на студиските програми директно од претставниците на француските универзитети присутни на саемот, како и информации за сите аспекти на студентскиот живот во Франција.

„Кампус Франс“ е достапен за високообразовните установи и за студентите во текот на целата година во просториите на Францускиот институт-Скопје. Амбасадорот ги повика да го посетат и порача универзитетите да ги користат и придобивките од европската образовна програма „Еразмус плус“.

– Последната сума што беше доделена во износ од осум милиони евра за 2023 година само за Северна Македонија, зборува дека средствата се зголемени за дури 20 проценти споредено со 2022 година. Среќен сум што француските високообразовни институции денес се двојно повеќе присутни овде споредено со минатата година. Ви посакувам на сите, плодни размени, а особено на вас, драги студенти, не двоумете се да соберете што е можно повеќе информации за да ги реализирате вашите проекти за мобилност во Франција и да ја подготвите вашата иднина, истакна францускиот амбасадор.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на Саемот оцени дека Северна Македонија и Франција имаат традиционално добра соработка што се потврдува и во сферата на образованието.

-Сите оние на кои им е предизвик да студираат во една од најразвиените европски земји, на овој саем може да се информираат за студиските програми на француските државни универзитети, бизнис-школите, специјализираната школа за инженери, како и за Универзитетот за политички науки чии претставници ќе им ги појаснат процедурите за упис, можностите за стипендии и се друго поврзано со студентскиот живот, рече Шаќири.

Истакна дека неколку француски универзитети се високорангирани на Шангајската листа  и тоа говори, рече, за високиот образовен квалитет.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, Марко Ѓоргиевски, на отворањето на Саемот соопшти дека во периодот  2017-2022 универзитетите од Северна Македонија реализирале 32 студентски мобилности во Франција, најчесто во областа на општествените науки.

-Ова значи дека може да се искористат можностите за образование и истражување во една од најпрестижните земји во светот. Овие мобилности во Франција на студентите им овозможија унапредување на нивното знаење и развој на нови вештини. Можеме да се пофалиме дека за овие проекти беа доделени повеќе од 60 илјади евра за поддршка на студентите во реализација на нивните академски и истражувачки амбиции, рече Ѓоргиевски.

Покрај студенти, и 12 професори од нашите универзитети, успешно реализирале наставни ангажмани во Франција и придонесуваат, рече за збогатување на нашите студиски програми и за квалитетот на образованието.

Ѓоргиевски  посочи и дека македонските универзитети успешно соработуваат со универзитети од Франција, нагласувајќи дека Битолскиот универзитет првпат влегол во Алијансата на европски универзитети. (МИА)

Најнови вести