Зголемниот дотек на вода во Дебарско Езеро, освен што поволно ќе се одрази врз производството на елекрична енергија во Хидроелекраната „Шпилје“, од големо значење е и за заштитата на флората и фауната во езерото.
Оваа оценка за МИА ја изнесе Дритан Боцку, претседател на спортското риболовно друштво „Трофта“ кое од ноември 2019 година е и концесионер на езерото.
-Моментната поволна хидрологија на дебарското сливно подрачје, што во услови зголемен дотек во езерото, секако е од огромно значење за зачувување на богата флора и фауна. Поради многу ниското ниво постоеше опасност од нејзино уништување, рече Боцку.
Во рамки на зацртаните програмски активности, насочени кон заштита на рибниот фонд во езерото, според Боцку, продолжуваат со засилените мерки на котрола, со цел елиминирање на појавата на рибокрадци.
-Од ноември минатата година кога ја добивме концесијата на езерото, до сега, имаме запленето над 30 мрежи во просек во должина од над 100 метри, како и неколку гумени чамци. Посебно сакам да ја нагласам соработката со припанците на дебарската полиција, која ќе продолжи и понатаму, додава тој.
Посочува дека како друштво ќе продолжат со строгата контрола,со цел да се заштити рибниот фонд и да се врати некогашниот епитет на богато езеро со разновиден рибен фонд,што за жал го изгуби во изминатите години.
Инаку, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на пастрмка, што ќе трае до 31 овој месец. (МИА)