Народниот правобранител Насер Зибери денеска пред пратениците го презентираше извештајот за работата за минатата година. Бројот на поднесените претставки од граѓаните до оваа институција е зголемен за речиси 20 отсто, во однос на претходната година.
Граѓаните и натаму најмногу се жалеле на постапките за извршување, за вработување, за исплатата на плати и други надоместоци, за повреда на нивните права како потрошувачи, за проблемите кои ги имаат при наплатата на даноците, денационализацијата, за работата на полицијата, за повреда на правата во постапките од имотно-правните односи, во постапките поврзани со урбанизмот, домувањето, бараа заштита на нивните права пред единиците на локалната самоуправа и.т.н. Претставки имало и од затворениците, посебно за остварување на правото на здравствена заштита, но и за лошите услови за престој.
-Статистиката покажува дека во извештајната 2022 година беа примени и заведени 3.209 преставки, а 273 предмети беа пренесени од претходната година или вкупно постапено е по 3.482 предмета. Бројката на примени преставки претставува зголемување за околу 20 отсто во однос на минатата година што е очекувано со оглед на фактот што состојбата по пандемијата се стабилизираше и сите институции вклучувајќи го и народниот правобранител работеа во полн капацитет и во однос на време и во однос на бројот на вработените, рече Зибери.
Од вкупниот број на поднесени претставки постапка е покрената по 2.173 додека за 737 поради надлежноста истата не беше покрената. Од покренатите постапки во 683 случаи народниот правобранител констатираше повреда на човековите права и постапувал во целост. Од вкупно 3.209 претставки заведени во 2022 година најголем број или 1.344 или 41,85 се однесуваат на повреда на правата вод страна на јавните служби и установи. 763 или 23,78 отсто се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт. 350 претставки или 10,91 се однесуваат на повреда на правата од страна на локалната власт, 277 или 8,63 се однесуваат на повреда на правата од страна на судската власт, додека 168 претставки се однесуваат на повреда на правата од страна на правните лица.
-Најголемиот број на примени и заведени преставки се однесуваат за заштита за правата од областа на правосудството од кои 534 се или 16,64, рече Зибери.
Потоа следат претставки од потрошувачките права со 337 преставки, од работните односи 288, од областа на детските права 252, од имотно правната област 208, од казнено – поправните и воспитно поправните установи 206, од социјалата заштита 151, од областа на заштита на правата при полициско овластување 146, од урбанизмот и градбата 144, финансиите и финансиско работење 139, граѓански состојби и други внатрешни работи 133 пензиско инвалидско осигурување 112 , недискриминација и соодветни правично застапено 76, итн.
-Оваа извештајна година најголем број на конститирани повреди од областа се од заштита на правата на децата или вкупно 103 што претставува 15, 08 отсто од кои во 87 случаи институциите постапија по укажување на Народниот правобранител. Потоа следуваат претставки од областа на правосудството по кои се констаиурани 89 повреди, во 62 случаи биле прифатени укажувањата на правобранителот.
Правобранителот Зибери потенцира дека најмногу загрижува податокот за најмногу повреди кај децата, а правобранителството утврдило натежок облик на дискриминација односно сегрегација во две училишта во Битола и во Штип.
-За овој случај Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која е констатирана сегрегација. Станува збор за ОУ Ѓорѓи Сугаре во Битола и за ОУ Гоце Делчев во Штип каде констатиравме дека има паралелки кои претежно се составени од ромски деца. Во овие училишта зачестени се појавите за двање на согласности за запишување на ученици најчесто од македонска етничка заедница во други општински училишта иако според местото на живеење учениците ги опфаѓаат наведените училишта, рече Зибери.
Додаде дека на согласности инсистираат нивните родители кои, според него, не сакаат нивните деца да учат со Роми. Тоа во пракса доведува до препознавање на училишта со повеќе Роми што во пракса доведува до ромски училишта.
Укажа на потребата од образовни асистенти за ученици со попреченост во средните училишта. Побара системско и трајно решение за овие лица. Побара од пратениците измените на законот за средно училиште да се донесе. Зибери исто така укажа на потребата за учебници на учениците.
Зибери пред пратениците зборуваше и за други повреди и претставки, како и за одредени состојби констатирани од Народното правобранителство.
Дејанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема никаков фидбек од страна на Владата за преземање на мерки за надминување на прекршувањата и препораките на народниот правобранител.
-Во делот на правосудството и понатаму се бележат истите констатирани состојби кои укажуваат на проблеми на граѓаните поради долготрајноста на судските постапки, неефикасност на Управните судови, како и контиунирано поднесување на претставки во кои се посочува на нестручност, незаконско и несовесно постапување на судската власт, рече Ефтимов цитирајќи делови од Извештајот.
Пратеникот смета дека извештајот е обемен и оти Владата не го почитува Народниот правобранител.
Седницата ќе продолжи во 14 и 30 часот. (МИА)