Зоонозите се болести на домашните и на дивите животни кои се пренесуваат и на луѓето. Причинители на зоонози се разни видови микроорганизми и тоа вируси, бактерии. паразити, габички и други. Извор на зараза за човекот се домашните и дивите животни, или нивната непосредна средина, доколку е контаминирана со нивни секрети и екскрети, а во одредени случаи и инфицираниот човек, иако тој ретко може да биде извор на зараза.
-Луѓето може да се инфицираат и преку одредени производи млеко, месо, јајца или суровини – кожи, особено доколку се со непроверено потекло или се добиени од објекти и оператори со храна кои не се одобрени и не се под контрола на надлежен орган. Причинители на зоонози се и инсектите – вектори. Улога на вектори имаат и крлежите, вошките,болвите, комарците како и други инсекти артроподи – истакнува Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство по повод 6 Јули – Светски ден на зоонозите.
На зоонози најмногу се изложени луѓе кои работат со животни или работат во производство и преработка на производи кои потекнуваат од животни месо, кожа, волна – сточари, ветеринари, ловџии. “Домашните животни, поради поголем контакт со луѓето, многу почесто се извор на зараза од дивите животни, вели Бабовски и апелира, поради овие причини, домашните миленичиња по препорака и совет на ветеринар да се третираат против паразити. Рацете да се мијат редовно, да не се допираат лицето, областа околу устата и носот со валкани раце, но и граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи”.
Доколку граѓаните се наоѓаат на место каде што има многу комарци, да носат светла платнена облека со долги ракави и ногавици која ќе го заштити нивното тело од убоди, по прошетка во природа облеката и телото да се прегледаат.
-Доколку забележите крлеж, тој треба веднаш да е се отстрани од страна на стручно лице – лекар. Да се внимава и да не се пие вода од места каде што постојат индикации дека можеби е загадена со животински измет. Храната термички да се третира, да се одбегнуваат контакти со глодари и нивни секрет. Доколку од својата околина мора да се отстрани угинато животно, треба да се користат маска и гумени ракавици, а мршата треба претходно да се дезинфицира со средство за дезинфекција – апелира тој.
Храната да се заштити од глодари и да се чува на безбедно место. Зеленчукот и овошјето темелно да се мијат пред употреба.