Денот на рударите денеска свечено беше прославен и во рудникот за бакар „Бучим “ во Радовиш.
Заменик менаџерот на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов на денешната свеченост истакна дека доколку не ја добијат дозволата за експлоатација во новото рудно тело „Боров дол“, тоа ќе значи и затварање на овој рудник.
– Ако за најмногу 18 месеци не добиеме дозвола за експлоатација на рудното тело „Боров Дол“ тогаш се соочуваме со извесната можност на самиот почеток од 2020 година на рудникот да му ставиме катанец, рече Николов.
Според Герасим Конзулов, градоначалник на општина Радовиш, ако се затвори рудникот тоа би значело и затворање на општината.
– Рудникот Бучим во вкупниот буџет на општината учествува со 55 проценти. Замислете си што ќе стане од нашата општина ако овој наш темелен стопански капацитет се затвори, рече Конзулов.
Министерот Зоран Шапуриќ кој беше на прославата вети дека до такво нешто нема да дојде.
– Оваа Влада е исклучително посветена на стопанството. Ќе направиме се што е во наша моќ и, секако, во рамките на законите, „Боров Дол“ да може да се користи од страна на „Бучим“ и овој рудник да си остане како еден од примарните репрезенти на рударството во Македонија. Тоа е од исклучително значење ако се знае дека од рударството во државата живеат 12.500 лица, а оваа гранка остварува извоз од 250 милиони долари“, рече Шапуриќ.
„Бучим“ денеска награди 46 работници, три смени и шестмина раководители. Во однос на бројот од 700 вработени, наградени се осум проценти од вработените.
„Бучим“ како општествено силно одговорна фирма комуналното претпријатие „Плаваја“ му подари камион за собирање и изнесување на смет, а на Општинската организација на Црвениот крст автомобил за секојдневни потреби.