Во Тетово на многу локации никнуваат мини-депонии, а градоначалничката Теута Арифи за тоа ги обвинува граѓаните.
-Сметот се фрла во контејнери. Онаму каде истите не се поставени значи дека не е место за оставање на смет. И на 40 степени се чисти пред православните гробишта, јавна површина на која не доликува да се фрла отпад, напиша Арифи на фејсбук.
Во однос на тоа, реагираа од невладинот сектор, посочувајќи дека вината е кај локалната власт, бидејќи граѓаните вооошто нема каде да го фрлат сметот.
-Неодговорната градоначалничка ги обвинува граѓаните за неодговорност. На повеќе наврати граѓаните се жалат дека и кај православните гробишта, како на многу други локации низ градот, се создава дива депонија, но од страна на општината досега немало доволна волја за да се реагира, порача Аријанит Џафери од Еко Герила.
Исто така, реагираше и опозициската Алијанса за Албанците, од каде истакнаа дека депонии се ссоздаваат бидејќи нема доволно контејнери.
-Оставете ги малку настрана зградите, бизнисите и Дака Давидовиќ од Јелак, и сетете се на вработените на ЈКП, кои со месеци ги оставате без плати. Нема потреба да ве информираат граѓаните, ваша обврска е да знаете каде има депонии, велат од партијата на Зијадин Села.