Во услови на економска криза, општина Македонска Каменица нема да набавува телефони за вработените.
Средствата ќе бидат искористени за најмладите и за социјално ранливите семејства во Македонска Каменица.
Согласно Договорот за мобилни телекомуникациски услуги, општина Македонска Каменица има можност за набавка на уреди, кои во изминатите години се распределувани за потребите на вработените од општинската администрација.
Оваа година, објави градоначалникот Димчо Атанасовски, имајќи во предвид дека сме соочени со незапамтена енергетска и економска криза, донесовме уште една одлука во корист на граѓаните. Ќе набавиме три телевизори за Детската градинка Бамби и таблети за ученици од социјално ранливи семејства.
Во продолжението од соопштението за јавност, градоначалникот Атанасовски за наредните две недели го најави објавувањето на Повикот за распределба на еднократна парична помош за првачиња во износ од 3.000 денари и за средношколци запишани во прва година во СОУ “Миле Јаневски Џингар” во износ од 20.000 денари.
Од 15.10.2022 година ќе биде објавен и Конкурсот за стипендирање на ученици и студенти.
“Продолжуваме посветено и сите општински ресурси ги ставаме во корист на каменичани” – стои на крајот од соопштението на градоначалникот Атанасовски