Oпштина Градско даде позитивно мислење на предлогот за донесување решение за прогласување на црквата „Св. Атанасиј“ во напуштеното село Свеќани за значајно културно наследство, донесен од Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура.
-Со позитивното мислење дадено од Општина Градско ова културно добро се става во соодветна категорија, со што добива посебен режим на заштита и се обезбедува негово соодветно управување и одржување. Ова наше културно наследство претставува неспорно сведоштво од значење за историјата на селото Свеќани и општина Градско, појаснуваат од Општина Градско.
Како што информира за МИА историчарот на уметноста, советник конзерватор од Управата за заштита на културно наследство Дарко Николовски станува збор за законска процедура со која повторно се прави ревалоризација со која се одредува вредноста во која категорија е оваа црква.
Со законот, кој е од пред 15 години, повторно се прави ревалоризација со цел да се категоризира овој споменик на културата, кој е значајно културно наследство, од локални вредности.
Николовски појаснува дека на пример црквата „Св.Софија“ во Охрид е од исклучително значење, која е највисока категорија, потоа има споменици од национално значење и од локално значење во која е сместена и оваа црква во село Свеќани.
-Оваа црква правно е заштитена и добива и категорија и според тоа може да бараат средства од државата за нејзина заштита. Ако тоа не е направено не можете за тоа да побарате средства од Министерството за култура, појасни Николовски.
Николовски информира дека во црквата има фрески и дека е од 17 век. Појасни дека пред неколку години тие имале проект, кој за жал не се реализирал.
-Со проектот беше предвидено во олтарниот дел, каде има остатоци од 17 век, од Богородица со Христос и архиереите и имавме намера тоа да се отвори за да се презентира автентичен состав, но за жал од разни причини до сега не е реализиран, појасни Николовски.
Миља Стефановска која била вклучена во овој проект од Управата за заштита на културното наследство за МИА информира дека таа го направила овој правен акт за ревалоризација, каде оваа црква се прогласува за значајно културно наследство.
-Во оваа црква е вреден живописот во олтарот којшто потекнува од 17 век и затоа и понатаму треба да се истражува. Целта е да се отвори некој живопис бидејќи се знае дека одоздола има друг живопис. Воедно треба нешто и од архитектурата да се среди, како прередување на ќерамиди, на покривот и дрвена конструкција и слично. Црквата е покриена со оригинални камени плочи од 17 век. До сега на неа со архитектура ништо не е работено, но поради временски услови и течење на вода привремено е покриена од свештениците со најлони, што го увидов и јас пред околу три месеци кога бев таму. Тоа треба да се смени, се со цел да се заштити оваа вредно културно наследство, појасни Стефановска.
„Св. Атанасиј“ е православна црква во село Свеќани, Општина Градско и припаѓа на Велешкото архиерејско намесништво во Повардарската епархија на МПЦ-ОА. Прогласена е за културно наследство.