Градоначалникот Максим Димитриевски, на еден перфиден начин, има намера да ги изманипулира кумановци, презентирајќи нови паркинг места на простор кој всушност е спортски комплекс и каде огромен број на наши сограѓани го минувале своето детство играјќи баскет и мал фудбал, истакна на прес-конференција на Милан Давидовиќ, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Куманово.
-За да се наплаќаат пари за паркирање од граѓаните на град Куманово, не е доволно само да се купи еден литар бела боја и да се нацртаат паркинг места на улици или пак, како во случајов, да се уништи спортски комплекс. Треба да се има искрен пристап кон нив и да се реализираат ветувањата, односно сериозно да се инвестира во вистински катни гаражи, особено во централното градско подрачје, вели тој и додава:
„Крајно време е СДСМ и градоначалникот Максим Димитриевски да престанат да го уништуваат Куманово и со нивната неинвентивност и неспособност систематски последниве 30 години да го кочат развитокот на градот. Наместо да ги цртат овие паркинг места, апелирме да ги вратат игралишата за мал фудбал и баскет, кои постоеа на овој простор“.