Советот на Општина Охрид денеска ќе одржи вонредна седница на која ќе биде изгласана одлука утре да биде прогласен за ден на жалост во Охрид.
Комеморативна седница по повод ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски ќе биде одржана утре со почеток во 10 часот.
Посмртните останки на охридскиот градоначалник ќе бидат изложени утре во Градската капела во 12 часот, а погребот е закажан од 14 часот на Градските гробишта во Охрид.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски утрово бил во својот кабинет, каде одржувал работен колегиум, по што доживеал здравствени проблеми и бил пренесен во Општата болница. Од Интерно одделение на болницата бил транспортиран во Кардиолошки завод, а починал во време на транспортот.
Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, по победата во првиот круг од Локалните избори.
Стојаноски, роден на 7 август 1970 година во Охрид, беше оженат и татко на две деца.