Откако го оствари своето гласачко право, висниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска околу пладне изрази уверување дека граѓаните ќе го препознаат она што е најдобро за нив.
-Посакувам искрено и од срце денеска Куманово да победи, да победи демократијата преку граѓаните на нашата општина. Убеден сум дека ќе имаме масовен одзив, граѓаните ќе препознаат што е најдобро за нив и верувам дека ќе дадат можност општината во следните четири години да ја води еден демоктратски концепт, изјави Димитриевски.
Димитриевски, во изјавата за медиумите, информираше и дека имало прекршувања на изборниот процес токму од институциите на системот.
-За жал овие два дена изминати кога бевме во изборниот молк, не се почитуваа законските норми, бевме сведоци на многу случувања и прекршувања на изборниот процес и тоа токму од институциите на системот, каде што предводник беше МВР и жалам за таквите настани, но сепак Куманово е силно и повеќе од сигурен сум дека овој пат кумановци ќе покажат и докажат дека знаат да го направат вистинскиот избор. Верувам во демоктратијата и се додека живеам и сум активен во политичкиот и јавниот живот ќе се борам за демократска држава, демократски град, развиен и просперитетен, рече Димитриевски.